Ако се заситивте од божиќната трпеза, денес пригответе го овој брз, но многу вкусен ручек со пилешко месо. Сите состојки совршено си одговараат и се надополнуваат, па така добивате едно неодоливо јадење. Рецепт и видео презентација на Игор од „Igy the cook” – Пилешко со павлака и ајвар.
За да го приготвите ова вкусно јадење ќе ви бидат потребни следните состојки: 600 г пилешки гради, 1 страк праз или млад кромид, 250 г тестенини, 70 г ајвар, 100 г кашкавал, 50 г маслинки, 3 јајца, 400 мл кисела павлака и сол и црн пипер по вкус, како и зачини по ваша желба.
Постапка: Пригответе ги состојките. Пилешкото измијте го со ладна вода, исцедете го, па исечете го на коцки со средна величина. Празот добро измијте го, па ситно исечкајте го. Маслинките ситно исечкајте ги на тркалца, кашкавалот изрендајте го и одвојте ја потребната количина на ајвар.
Во посебен сад скршете три јајца, па во нив додадете 250 мл кисела павлака. Убаво измешајте ги за да се соединат во изедначена смеса. Во тенџере ставете вода и малку сол, па сварете ги тестенините ал денте според упатството на амбалажата. Може да користите било какви тестенини.
Малку масло (или една полна супена лажица маст) загрејте во тава на рингла, па ставете ги мевцињата заедно со сечканиот праз малку да се потпржат, колку да ја променат бојата. Посолете и запиперете ги, а можете да ги зачините и по сопствен вкус.
Сварените тестетенини процедете ги. Во прженоито месо со праз додадете и сечкани маслинки, па промешајте рамномерно да се распоредат вкусовите. Динстајте уште малку на умерена температура, па додадете ги процедените и измиените тестенини. Промешајте.
Во смесата со изматените јајца и киселата павлака додадете го ренданиот кашкавал. Промешајте добро за да дојде до изедначување на смесата. Огноотпорен сад со средна величина убаво намастете го со путер или маргарин. Излејте ја смеса со месо во него и рамномерно распоредете.
Одозгора прелијте со смесата од јајца, кисела павлака и рендан кашкавал. Промешајте со лажица или птотресете го садот за добро за се натопат сите состојки од смесата. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, околу половина час или додека да зарумени.
Во подлабок сад ставете 70 г ајвар и додадете 150 г кисела павлака. Добро измешајте со лажица за да се соединат состојките во еднолична кремозна смеса. Печеното јадење извадетре го од рерна и веднаш додека е топло, со лажица премачкајте го со смесата од ајвар и павлака.
Вратете го садот во загреаната рерна на 200 степени и печете го уште пет минути, колку да се запече и преливот и убаво да се соединат вкусовите на сите состојки. Потоа извадете го, оставете го неколку минути да подизлади, па послужете го топло. деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.