Бевме дваесетина на трпезата. Јадевме некое убаво и вкусно јадење, а не знаевме што всушност јадеме. И иако на трпеза не треба да се зборува или барем тивко да се зборува… сите погодувавме што би можело тоа да биде.
На крај моравме да го признаеме поразот, бидејќи никој не знаевме што јадеме. Бевме многу изненадени кога ја дознавме тајната од домаќините, па дури и не верувавме: ПРАЗ!
Приготвувањето е многу лесно:
Празот се чисти и се мие. Потоа без да се сече, се редат страковите еден до друг. Одозгора се наросува сол, сечкан магдонос, се полева масло и вода колку да не загори јадењето.
Се става да се пече додека празот да омекне, па потоа се додава домат излупен и изрендан, се остава уште малку да крчка и јадењето е готово. Можете да го приготвувате на рингла во поголемо тенџере, или во тавче во рерна.
Ова јадење можете да го приготвувате и на вода, речиси и да нема разлика.