Секоја година за Велигден подготвувам разновидни јадења кои ги декорирам во најразлични облици. Убаво е кога на трпезата се послужуваат украсни и вкусни јадења за најубавиот ден од годината, кога семејството е заедно. Оваа година решив да ги подготвам печивата во облик на зајачиња, според рецептот на Ивана.




Сакав да ги испробам еднаш пред да дојде Велигден, па заедно со ќеркичката, која многу сака да готви, ги направивме заедно. Ова беше првпат таа да замесува тесто, а крајниот резултат беше совршен. За овие печива не ви треба оклагија, ниту премногу состојки, а интересно е тоа што може да ги послужите на два начина, кои може да ги прочитате подолу во постапката. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 50 мл вода, 200 г кисела павлака, 50 г путер или маргарин, 2 лажички шеќер, околу 600 г брашно, половина лажичка лук во прав, 1 лажичка сол, 5 г прашок за печиво (половина кесичка).




ПОСТАПКА: Ова тесто е бесквасно, а може и да се прави со квасец, а јас наместо квасец ставам половина кесичка прашок за печиво. На тој начин, тестото се подготвува побрзо и не се чека да отстојува. Во едно пониско тенџере сипете 50 мл вода, па додајте 200 г кисела павлака и соединете со лажица.




Додајте го путерот или маргаринот, исечкан на коцки, па ставете 2 лажички шеќер. Сѐ заедно соединете на рингла, вклучена на ниска кон средна температура. Кога путерот и павлаката ќе се растопат и ќе добиете хомогена смеса, тргнете го тенџерето од рингла. Јас обично после овој чекор додавам зачини како лук во прав, на тестото му дава преубав вкус, но секако ова е опционално.




Добро измешајте го лукот во течноста (која треба да биде топла) за да не се направат грутчиња. Додајте ја солта и прашокот за печиво, па повторно сѐ соединете. На крајот, постепено започнете да го додавате брашното, на неколку наврати. Прво мешајте го тестото со лажица, па кога ќе почне да се лепи, преминете на месење со раце.




Измесете го тестото додека да престане да се лепи, со постепено додавање на брашното. Замесете фино и меко тесто. Оставете го тестото во тенџерето каде што го замесивте, под капак да одмори 15-20 минути. Потоа, поделете го на два дела и обликувајте ги во валјак. Од валјаците поделете топчиња со големина по ваша желба.




Топчињата треба да бидат со еднаква големина, па наредете ги на набрашнета, рамна површина. Оставете ги топчињата да одморат кратко, па со ножици направете ги „ушите“ на зајачињата, така што ќе исечете два поголеми дела од предната страна (погледни видео). Потоа, со цевка направете ги очите и по желба „наполнете“ ги со зрна црн пипер.




Јас секогаш правам неколку помали зајачиња (околу 15-18) и едно поголемо. Печете ги во загреана рерна на 180 степени, околу 30 минути. По печењето, премачкајте ги со масло или растопен путер и оставете ги да омекнат под крпа околу 10 минути.

Зајачињата може да ги послужите празни или да го исечете горниот дел и да ги наполните со домашен намаз од мајонез, павлака и зачини или со некоја вкусна салата (големото зајаче обавезно наполнете го и ставете го на средина). Деталите погледнете ги ОВДЕ.