Штруклите се традиционално хрватско јадење кое се приготвува со варење и печење. Основата на ова јадење се корите кои може да се тегнат или да бидат купечки, а филот може да биде сладок или солен.
Во продолжение можете да прочитате два рецепти, еден со тегнети кори и еден побрз, со готови кори, но никој нема да препознае дека не е направен со домашни кори.
РЕЦЕПТ 1 – Потребни состојки: 250 г остро брашно, 250 г меко брашно, 1 јајце, 50 мл масло, 300 мл вода. За фил: 750 г свежо кравјо сирење, 2 јајца, сол по вкус. За прелив: 500 мл неутрална павлака
Постапка: Замесете тесто од наведените состојки кое треба да биде мазно и еластично, Поделете го на два дела, двете топки намастете ги со масло и оставете да мируваат половина час. Потоа развлечете тенка кора врз маса со чаршав на кој малку сте наросиле брашно.
За фил: Измешајте го издробеното сирење и јајцата, па посолете го по вкус. Нанесете фил на едниот крај од тенката кора, па со подигнување на чаршавот свиткајте ролат. Потоа сечете (со чинија) парчиња со големина по ваша желба.
Во тенџере ставете вода, сол и лажица масло. Кога водата ќе зоврие во неа спуштајте ги сечените штрукли. Откако водата ќе зоврие повторно, варете ги штруклите 3 минути. вадете ги со решеткаста лажица во намастен огноотпорен сад/тепсија/плех, прелијте ги со течна, неутрална павлака и ставете да се печат во загреана рерна на 200 степени додека кората да позлати.
РЕЦЕПТ 2: Брзи штрукли со готови кори – Потребни состојки: 6 кори за пита, 250 г свежо сирење. 4 лажци гриз, малку сол, газирана вода и 1 јајце. За прелив: масло, презла (лебни трошки) и неутрална павлака
Постапка: Купените кори малку натопете ги со газирана вода и малку масло. Отворете го првиот лист, наросете го со малку масло, па врз него ставете втор лист. Потоа ставете фил од измешано сирење, јајце и гриз (гриз ставете толку колку што е потребно за да биде компактна смесата). Свиткајте во ролат, а ролатот завиткајте го во крпа. Повторете ја постапката и на крај ќе добиете три ролати.
Во големо тенџере ставете вода и малку сол, па кога ќе зоврие спуштете ги вака спакуваните ролати со крпи да се варат 10-тина минути. Извадете ги од водата а потоа и од крпата, оставете малку да изладат, а потоа исечете ги на парчиња. Штруклите понатаму можете да ги валкате во презла и да ги пржите во масло или можете да ги запечете во рерна прелиени со течна неутрална павлака.
Coolinarika.com