Празниците се ближат, а полека започнуваат и подготовките за велигденската трпеза која секоја домаќинка сака да биде богата и разновидна. Не ги пропуштајте овие вкусни штангли, без печење кои се погодни за празниците. Имаат преубав вкус и се прават за 15 минути. Ова е еден од оние колачи кои со сигурност ќе го послужам на празничната трпеза.
Сите посегнуваат по овие штанглички, кои се многу украсни, а во исто време и вкусни. Верувам дека ќе ви се допаднат, ова е еден од новите предлози за претстојните празници. Многу се вкусни и кога ќе отстојат еден или два дена, а за да си заштедите на време може да ги направите до два дена однапред и да ги чувате во фрижидер. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 мл слатка павлака (засладена), 300 г темно чоколадо, 125 г маргарин или путер, 175 г бели стапчиња полнети со бел фил (ванилин или кокосов, треба да бидат светли), 500 г петит бисквити со какао, 150 г сечкани, печени лешници, 200 г бело чоколадо, 3 лажици масло.
ПОСТАПКА: Во големo тенџере излејте ја слатката павлака, додајте го чоколадото скршено на коцки и маргаринот/путерот. Ставете го тенџерето на рингла и вклучете ја на средна температура (никако на висока), па почекајте сѐ да се растопи.
Повремено промешувајте ги состојките, за побрзо да оди растопувањето, но внимавајте слатката павлака да не зоврие. Кога чоколадото и маргаринот/путерот ќе се растопат, тргнете го тенџерето од рингла и почекајте малку да се олади. Подгответе си еден подлабок, пластичен сад и во него скршете ги бисквитите на поситни парчиња.
Лешниците испечете ги и исечкајте ги ситно со нож, додајте ги во бисквитите. Белите стапчиња искршете ги на 3 или 4 дела, па измешајте ги во садот со бисквити и лешници. Чоколадната смеса од тенџерето прелијте ја преку бисквитите, белите стапчиња и лешниците и сето убаво измешајте.
Во плех со димензии 35×25 см обложете хартија за печење и истресете ја целата смеса и добро притиснете ја и рамномерно распоредете ја. Хартијата се става за полесно да го извадите колачот и да го пренесете на даска за сечење, а плехот го употребувате ако ви треба за друга торта.
Ставете го колачот во фрижидер добро да се стегне, најдобро преку цела ноќ или еден до два дена. Неколку часа пред послужување направете ја белата чоколадна глазура така што ќе го растопите белото чоколадо заедно со маслото на пареа или во микровална печка, а потоа ќе прелиете врз колачот.
Израмнете ја глазурата и наросете со мелени или многу ситно сечкани лешници, па вратете во фрижидер да се стегне (брзо се стврднува). Пред послужување, колачот се сече на штанглички, со големина по ваша желба. Деталите погледнете ги ОВДЕ.