Ова е еден стар, но многу добар рецепт кој дома сите го обожаваме и често го правиме, без разлика на сезоната (банани секогаш има). Евтин е и едноставен за подготвување, рецептот не е многу коплициран и релативно брзо е готов. Го правам и за секакви свечени пригоди, бидејќи е доста декоративен и освежителен.




Потребни состојки: 5 јајца, 5 лажици шеќер и 5 лажици мелени ореви. За фил: 700 мл млеко, 5 лажици шеќер, 7 полни до врв лажици брашно, 250 г маргарин / путер и 10 г ванилин шеќер. И уште ќе ви биде потребно: 4 банани и сок од ½ лимон за да полијат бананите




Постапка: за да се заштеди на време, најдобро е прво да се свари филот, за да има време да се олади додека се пече бисквитот. Рерната вклучете ја на 200 степени да се загрева.




Подготвување на кремот: одвојте 100 мл млеко, па во него со миксер изматете брашно, а остатокот од млекото заедно со шеќерот и ванилата ставете ги на оган да се загрее. Кога ќе зоврие млекот полека додавајте го изматеното брашно со млекото и намалете ја температурата.




Продолжете и натаму да мешате (или да матите со миксер) додека да се свари и да се згусне кремот. Оставете го на страна да се лади (со повремено промешување за да не фати коричка) и започнете со приготвувањето на бисквитот.




Пенасто изматете ги белките, додајте шеќер и добро изматете додека тој да се растопи и да добиете цврст и сјаен снег. Додавајте ги една по една жолчките и понатаму матејќи со миксерот.




Во пенастата смеса додајте ги мелените ореви и со лажица внимателно промешајте (јас немав мелени ореви па ставив 1 лажица брашно, 1 лажица какао и 5 лажици мелени бадеми, а вие ставете што имате).




Смесата излејте ја во намастен и набрашнет калап или врз хартија за печење (ова е полесно) и печете 15-20 минути. Извадете го бисквитот од плехот, пренесете го врз влажна крпа и свиткајте го во ролат (долната страна од бисквитот треба да е внатре). Оставете да се лади.




Со миксер добро изматете го путерот, па лажица по лажица додавајте му го целосно изладениот фил, непрекинато матејќи. Бананите излупете ги, отсечете им ги крајчињата, прелијте ги со сок од лимон за да не потемнуваат.




Оладениот бисквит одвиткајте го, со филот премачкајте го преку целата површина (се остава малку фил за премачкување однадвор-одозгора), во два реда се поставуваат бананите, се витка бисквитот од едната и од другата страна кон средината, па се врти наопаку.




Ролатот премачкајте го однадвор и наросете го со мелени ореви. Се послужува добро изладен. Мене ми е многу важно кората да биде многу тенка, па затоа ја печам во плех од рерна 30х38 см, а вие ако сакате подебела кора, печете ја во некој помал плех од овој. / Сооlinarika.com