Традиционално за секој поголем празник или слава се вари пченица, односно славско жито кое симболизира благост, бериќет и напредилок во куќата. Па, еве како да го направите најубавото славско жито по традиционален рецепт.
За секоја домаќинка од голема важност е покрај вкусните и разновидни колачи, да има и убава, вкусна пченица од која секој гостин ќе побара уште малку. Направете го житото по овој рецепт, а двете состојки ќе му дадат посебен вкус: циметот и мускатното оревче.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г бела пченица, 300 г мелени ореви, 250 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), малку мелено мускатно оревче, малку цимет во прав (овие мирисни зачини се додаваат по вкус, но доколку не сакате да ви доминираат ставете само по прстофат).
ПОСТАПКА: Пченицата најпрво треба добро да ја исчистите од евентуална нечистотија, да ја истpeбите од камчиња и други тревки, а потоа убаво да ја исперете во цедалка под млаз ладна вода или во сад да промените неколку води.
Испраната пченица ставете ја во едно поголемо тенџере (очекувајте дека ќе набубри во текот на варењето и затоа тенџерето треба да биде големо), прелијте ја со ладна вода, ставете на шпорет и вклучете ја ринглата. Оставете да зоврие.
Од моментот на зовривање оставете неколку минути да вари на најсилно (слично како што се прави за гравот), па фрлете ја оваа вода, а пченицата оставете ја на цедалка. Налијте нова, ладна вода и повторете ја постапката.
Оставете повторно да зоврие, па по вторпат фрлете ја водата и повторно налијте чиста, ладна вода и оставете да зоврие по третпат. Оваа постапка потребно е да се повтори вкуспно четири пати, за да се избистри водата.
Во текот на оваа постапка некои зрна веќе ќе pacпукаат и ќе се отвораат, но тоа е добро, така треба. Кога четвртиот пат ќе зоврие водата, оставете минута да врие, па тргнете го тенџерето настрана, ставете го на некое ладно место, поклопете го и завиткајте го во некоја топла, волнена ткаенина или ќебе.
Вака житото оставете го да мирува неколку часови, а за тоа време тоа целосно ќе омекне и ќе биде сварено. Пченицата процедете ја, а сочувајте 200 милилитри течност. Варената пченица сомелете ја во машина или во блендер.
Во некој поголем сад измешајте ја мелената пченица заедно со мелените ореви и шеќерот. Додајте ванилин шеќер, прстофат цимет и мускатно оревче по вкус. По потреба додавајте од течноста во која се вареше пченицата, до посакуваната густина. Сервирајте во убава чинија, наросете мелени ореви и декорирајте со половинки јатки.