Започнуваат Божиќните пости, па долку немате идеја какво посно јадење да приготвите, а сепак тоа да биде здраво и вкусно, еве неколку интересни предлози од архивата на НМД.

Прочитајте седум рецепти за вкусни посни јадења, од кои некои се приготвуваат и без масло, односно „на вода“. Сите се проверени и многу вкусни.

1.Посно јадење: Полнети пиперки со ориз

Иако е посно, ова јадење е многу вкусно. Може да биде предјадење, прилог, но и главно јадење во време на пост.

Потребни состојки:

500 г пиперки, 500 г ориз, 2 моркови, 2 домати, 3 чешниња лук, магдонос, сол, црн пипер

Постапка:

Измијте ги пиперките и исчистете ги од дршките и семето. Потоа ставете ги во топла вода и оставете ги малку да провријат. Веднаш тргнете ги од оган и процедете ги, па оставете ги да изладат.

Во вода ставете ориз и ситно сечкан или рендан морков, па варете додека оризот да омекне. Доколку постот не е на вода, морковот можете прво да го пропржите, па во него да го додадете измиениот ориз.

Сварениот ориз оставете го да подизлади, па додајте му сечкани домати, ситно сечкано лукче, сечкан магдонос, сол и црн пипер по вкус.
Убаво промешајте.

Секоја пиперка наполнете ја со смесата од ориз. Наредете ги полнетите пиперки во еден огноотпорен сад, дополнете до половина со вода и прекријте ги со алуминиумска фолија или капак. Ставете да се печат во загреана рерна на 200 степени околу 20 минути.

2.Долго никој не ми сервирал вака вкусен ручек: печен зеленчук (посно)

Потребни состојки:

1 кг компири, 1 врзоп моркови, 1 целер, 1 келераба, 2 тиквички, сол, обична и малку крупна, морска сол, црн пипер, магдонос, по желба вегета, масло

Постапка:

Целиот зеленчук убаво измијте го и исчистете го, па исечкајте го на коцки (освен морковот кој го сечам на тркалца). Измиениот зеленчук чувајте го во вода додека да го исечкате.

Кога ќе го исечкате зеленчукот, посолете го, запиперете, додајте свежи или сув магдонос, и ако сакате додајте мешан сув зеленчук (вегета). Прелијте го со масло и убаво измешајте го.

Во тепсијата ставете хартија за печење и премачкајте со малку масло, за да не се залепи зеленчукот за хартијата. Распоредете го зеленчукот, прелијте со остатокот од маслото што се исцедило во садот и ставете да се пече на 200 степени додека да омекне и фати коричка.

Пред крајот вклучете на 250 степени и вклучете го вентилаторот за да добие боичка и да испарат течностите. Вадете со решеткаста лажица, сервирајте со освежителен прилог и уживајте.

3.Запечен праз: ПОСНО ЈАДЕЊЕ – ПРСТИ ДА ИЗЛИЖЕШ

Бевме дваесеттина на трпезата. Јадевме некое убаво и вкусно јадење, а не знаевме што всушност јадеме. И иако на трпеза не треба да се зборува или барем тивко да се зборува… сите погодувавме што би можело тоа да биде.

На крај моравме да го признаеме поразот, бидејќи никој не знаевме што јадеме. Бевме многу изненадени кога ја дознавме тајната од домаќините, па дури и не верувавме: ПРАЗ!

Приготвувањето е многу лесно:

Празот се чисти и се мие. Потоа без сечење, се редат страковите еден до друг. Одозгора се наросува сол, сечкан магдонос, се полева масло и вода колку да не загори јадењето.

Јадењето се пече додека празот да омекне, па потоа се додава домат излупен и изрендан, уште малку да крчка и јадењето е готово. Можете да го приготвувате на рингла во поголемо тенџере, или во тавче во рерна.

Ова јадење можете да го приготвувате и на вода, речиси и да нема разлика.

4.ПОСНО: Компир од рерна на манастирски начин – ручек за само 50 ден
Вкусно и брзо јадење, може да се приготви за ручек или вечера.

Потребни состојки:

1 кг компир, 200 мл маслиново масло, 2 исцедени лимони, 6 чешниња лук (секое чешне исечено на три дела), 4-5 листови ловорови листови, ситно исечкани, Оригано, Сол, Црн пипер

Постапка:

Загрејте ја рерната на 250 степени. Измијте го компирот, излупете го и исечкајте го.
Наредете го во тепсија – парчињата да не бидат едно преку друго, туку убаво рамномерно распоредени.

Ставете на оган да зоврие нешто повеќе од една чаша вода, па во неа растворете сол и прелијте преку компирот. Наросете и маслиново масло, додајте лук, ловор, оригано и црн пипер.

Ставете во рерна да се пече, а кога ќе испари водата и ќе остане само маслото, намалете го огнот на 200 степени, па печете околу 50 минути.

Пред крајот на печењето, прелијте го компирот со сок од лимон, па вратете уште малку во рерна. Кога ќе се запече е уште поубав, крцка и полека се растопуваат вкусовите.

5.БЕЛ ГРАВ (посно на вода)

Потребни состојки:

500 г бел грав, 250 г кромид (може и праз), 1 морков,1 сува пиперка, 2 лажици брашно (може и пченкарно), Сол, црвен пипер

Постапка:

Одвечер потопете го гравот во вода да преноќи. Следниот ден процедете го, налејте друга вода и ставете да оган да проврие. Повторно процедете го и налејте го со вода колку да биде прекриен.

Додајте сечкан кромид, морков, сува пиперка и варете додека гравот добро да омекне. Во малку вода разматете брашно, додајте малку црвен пипер, па сето тоа додајте го во гравот што врие, па додајте сол по вкус и тргнете го јадењето од оган за да не загори.

6.ПОЛНЕТИ ПИПЕРКИ СО ПЧЕНИЦА (посно на вода)

Потребни состојки:

8 пиперки, 200 г печурки (буковки), 500 г печница (сварена и смелена), 3 чешниња лук, 100 г домати, 300 г праз, ½ лажичка црвен пипер во прав, Босилек

Постапка:

Ситно исечкајте го празот и печурките, а доматот исечкајте го на коцки (или користите доматно пире). Лукчето издинстајте го на малку вода со црвен пипер, па додајте ја претходно сварената и смелена пченица.

Додајте зачини по вкус, малку босилек па исчистените и испразнети пиерки од семки, полнете ги со приготвената смеса. Наредете ги во плех за печење, прекријте со фолија и печете 30 минути на 180 степени.

7.ИВАНОВА БАЛТИЈА на струмички или ИВАНОВА СЕКИРА (посно јадење со модар патлиџан)

Фото и рецепт: Елена Мишковска: Да се потсетиме на еден стар посен рецепт, превкусен и незаменлив за деновите во пост.

Потребни состојки:

модри патлиџани, лук, кромид, магдонос, домати, сол, црн пипер, зачини по вкус, масло

Постапка:

Модриот патлиџан се пропржува од сите страни, се засекува од четири страни, па се посолува и се полни со чистени чешниња лук и сечкан лист од магдонос.

Во тавчето каде се пржел патлиџанот, пропржуваме крупно сечен кромид и црвен домат, исто така крупно исечкан. Се посолува, се наросува црн пипер, па кога ќе омекне се префрла во тава каде ќе се пече.

Врз кромидот и патлиџанот се редат модрите патлиџани, се налева малку вода и покриено се става да се пече. Кога модриот патлиџан ќе омекне, се вади капакот или фолијата, па се допекува уште 10-15 минути.

8.БОНУС РЕЦЕПТ: МОЕТО ОМИЛЕНО ПОСНО ЈАДЕЊЕ! Пробајте и вие (од Покајание.мк)

Потребни состојки:

Компир според желба, Кромид, Печурки во тегла шампињони, магдонос, зачини

Постапка:

Излупениот компир го вариме во солена вода. Во меѓувреме: Два средни по големина кромида ги сечкаме ситно. Во подлабока тава со масло го пропржуваме. Потоа додаваме печурки шампињони (оние кои се во тегла).

Заедно динстаме со кромидот петнаесеттина минути, по потреба додавајќи повремено сосем малку пиво или бело вино. Колку за шмек.

Варениот компир го сечкаме на парчиња и го додаваме во тавата со кромидот и печурките и го промешуваме до 5 минути. Му додаваме лажица црвен пипер. На крајот му додаваме зачини, вегета, сол, буковец, и сосем на крај, магдонос и сечкан лук. Ручекот е готов и навистина е вкусен!