Главната состојка на овие колачи е печениот сусам кој дава многу добра и посебна арома. Потоа има чоколадо, мед, сечкани ореви и мелени посни бисквити… сè убави состојки. А приготвувањето е навистина смешно едноставно и брзо.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 г печен сусам, 180 г мед, 120 г чоколадо за готвење, 150 г маргарин, 200 г мелени посни бисквити, 100 г крупно сечкани ореви. ПОСТАПКА: Прво пропржете го сусамот во сува тава на тивок оган со константно мешање околу 5 минути.




Треба да замириса и да добие златножолта боја, но бидете внимателни, бидејќи може лесно да загори ако не мешате постојано. Тргнете го сусамот од оган, па мешајте уште една минута додека малку да излади дното на тавата.

Бисквитите сомелете ги во сечко, а оревите крупно исечкајте ги со нож. Во еден поголем сад излејте го медот, чоколадото искршено на коцки и маргаринот, па загревајте на средна температура со постојано мешање додека да се растопат состојките и да се соединат.




Тргнете од оган, додајте ги мелените бисквити, сусамот и сечканите ореви, па добро промешајте. Ќе добиете смеса која на прв поглед нема да ви изгледа многу компактно, но така треба да биде. Земете помал плех 30х20 см и обложете го со хартија за печење.

Во него истресете ја смесата и со помош на лажица добро натапкајте за да се израмни. Кога целосно ќе се излади во фрижидер ќе се стегне добро и супер ќе се сече. Затоа, најдобро е да се остави неколку часа во фрижидер или уште подобро, преку цела ноќ.




Потоа извадете го колачот заедно со хартијата и со голем остар нож исечете коцки со величина по ваша желба. Во продолжение прочитајте го рецептот за солени бомбици со туна кои може да ги правите за секоја прослава:

Мали посни бомбици со туна и сусам и големи посни бомбици со компир, маслинки и сусам. Ова се многу вкусни бомбици, многу декоративни, едноставни и лесни за подготовка, многу вкусни…




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА МАЛИ: 3 конзерви туна, 125 г посен маргарин, 200 г пржен сусам. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ГОЛЕМИ: 500 г компир, 100 г посен маргарин, 150 г зелени маслинки, 100 г пржен сусам, сол по вкус.

ПОСТАПКА: За мали бомбици: Од 3 конзерви туна исцедете го маслото, а туната добро изматете ја со маргаринот претходно омекнат на собна температура. Потоа додајте 100 г испржен сусам (се пропржува на сува тава со постојано мешање додека да замириса и малку да ја смени бојата, но внимавајте да не ви изгори).




Сето убаво промешајте го за да се добие компактна смеса. Оставете во фрижидер околу еден час да се стегне, па правете топчиња и валкајте ги во испржен сусам. За големи бомбици: Сварете половина килограм бел компир во лушпа, па изладете ги, излупете го и испасирајте го заедно со 100 г растопен маргарин.




Оставете го еден час во фрижидер да излади. Потоа со лажица вадете и формирајте топчиња со малку намастени дланки. Во средината од секое топче ставајте една маслинка без семка, формирајте топче и валкајте го во испржен сусам. Пред послужување добро изладете ги.

Тестото многу лесно се замесува и не се чека да стаса туку веднаш се развлекува, се сече и се става во рерна на печење. Навистина многу лесна подготовка која ќе ви одземе само 30-тина минути во кујната. Прочитајте и трет рецепт за сусам триаголници:

Потребни состојки: 150 мл масло, 150 мл пиво, 450-500 г брашно (3,5-4 чаши), 1 мала лажичка прашок за печиво (5 г), 1 полна лажичка сол (а може и по вкус за да не биде пресолено), 30-40 г пропржен сусам.




Постапка: Во поголема вангла ставете го маслото, пивото и 1 чаша брашно. Убаво промешајте и додајте го прашокот за печиво и 1 лажичка сол. Секако може да посолите и помалку доколку оваа количина ви е пресолено.

Потоа додајте уште 2 лажици брашно. Важно е брашното да го додавате постепено за да не се формираат грутки. Прво мешајте ги состојките со лажица додека да се формира нелепливо тесто, а потоа префрлете го на рамна набрашнета површина и уште малку размесете го.

Се меси сосем малку за да остане меко. Нема потреба тестото да го оставите да стаса бидејќи не се става квасец. Кога ќе го ставите на набрашнета површина, одозгора наросете уште малку брашно и развлечете го со оклагија.

Врз развлеченото тесто наросете претходно пропржен сусам околу 30-40 г и притиснете го го со рацете во тестото за да се залепи за него. Потоа тестото повторно се развлекува со оклагија, отприлика со големина 30×30.

На оклагијата може да ви останат парчиња сусам, но кога ќе завршите со развлекувањето, едноставно истресете ги повторно на тестото. Потоа тестото го сечете на триаголници, а тоа изгледа вака:

Прво сечете на средина по должина, па на средина по ширина. Потоа по должина уште еднаш од двете страни на средината, а исто и по ширина. Добивате повеќе теста во форма на коцки.

Потоа секоја коцка ја сечете дијагонално и добивате многу триаголници обложени со сусам. Триаголниците ги редите во обложен плех со хартија за печење и малку ги раздвојувате едни од други бидејќи тестото ќе порасне при печењето.

Печете во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 20-25 минути, во зависност од јачината на рерната во која печете. Триаголниците треба да поруменат при печењето. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.