Рецепт и видео прилог на Мои Домашни Рецепти – Вкусни гурабии.

Рецептот е лесен и едноставен, секој може да ги направи овие вкусни гурабии. Многу се декоративни и може да се приготват како секојдневна слатка закуска, но и како ситни колачи за разни свечени пригоди.

Потребни состојки:

250 г маргарин исечкан на коцки и омекнат на собна температура
1 јајце
200 г шеќер во прав
1 прстофат сол
450 г брашно
5 г прашок за печиво
2 лажици какао во прав
100 г печени, несолени, мелени кикирики

Постапка:

Маргаринот исечкајте го на поситни коцкички и оставете го да омекне на собна температура. Потоа додадете едно јајце, 200 г шеќер во прав и еден прстофат сол. Со рака убаво замесете го со рака додека да се изедначат состојките, а потоа додадете 450 г брашно и 5 г прашок за печиво.

Уште еднаш замесете додека да добиете убаво ровко тесто кое лесно се обликува. Поделете го на 2 еднакви делови, па во едното додадете 2 лажици какао и соединете го за да добиете кафеаво тесто. Во вториот дел од тестото додадете 100 г мелени кикирики и измешајте.

Врз лист хартија за печење развлечете го прво кафеавото тесто со оклагија и обликувајте го во вид на правоаголник. Белото тесто обликувајте го во вид на долгнавест валјак и ставете го врз кафеавата кора.

Свиткајте го ролатот и веднаш сечете парчиња со дебелина од 1 см. Редете ги врз плех обложен со хартија и печете ги во загреана рерна на 200 степени, 15 минути. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото: