Кој ги пробал полнетите пиперки со павлака, знае колку се вкусни. Буквално во секој залак се yжива. За овој рецепт се користат исклучиво жолти пиперки сомборки кои може да бидат обични или лути, во зависност од вашиот вкус.

За читателите на НМД одвоивме неколку рецепти кои се проверени и одлични, па секој според вкусот и потребите нека си го одбере најсоодветниот рецепт и нека го испроба ова највкусно мезе.

Најчесто читателите ги интересира рокот на траење на овие пиперки. Ако сакате да имате пиперки преку целата зима, тогаш треба да ги чувате во солена вода на следниот начин:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: Пиперки сомборки, солена вода и полномасна кисела павлака. ПОСТАПКА: пиперките измијте ги и исчистете ги од семето. Во голем сад ставете вода и сол (треба да биде добро осолена водата, а солта целосно растворена, приближно на 10 литри околу 300 г сол или повеќе).




Исчистените пиперкји ставете ги во солената вода, ставете некој потисок и оставете ги 7 дена (во солената вода може да стојат и подолго од еден месец). Потоа вадете ги пиперките, исцедете ги и полнете ги со павлаката која сте ја посолиле по вкус (не мора).

Пиперките се редат во еден слој, врз нив се премачкува нов слој павлака и се продолжува додека да се исполни садот. На крај премачкјате повторно со павлака и оставете на топло 2-3 дена за да скиселат/ферментираат, а одвреме-навреме отворајте го капакот и внимателно исцедувајте ја насобраната вода.




После 3 дена садот со пиперките се чува во фрижидер и треба да се потроши максимум за еден месец. Меѓутоа, пиперките можат долго да стојат во солената вода (солта ги штити од расипување), па по потреба можете да си вадите и повторно да ги користите и на тој начин да имате полнети пиперки за цела зима. Во продолжени прочитајте побрзи и поедноставни рецепти за „пиперки во павлака“:

РЕЦЕПТ 1 – Потребни состојки: 1 кг пиперки сомборки, 1,5 кг кисели павлака 20% мм и 50 г сол. Постапка: Пиперките измијте ги, исчистете ги од семето и оставете ги да се просушат.

Потоа во секоја пиперка ставете по половина лажичка сол, па рамномерно распоредете по целата внатрешност. Оставете ги пиперките со отворот кон горе да отстојат преку ноќ. Следниот ден исцедете ги од течноста која ја пуштиле, па оставете ги да се исушат.




Потоа полнете ги со филот од павлака во која сте додале три супени лажици сол. На дното од садот, на пример некола пластична кантичка со капак или голема стаклена тегла, ставете слој павлака, па редете ги полнетите пиперки, тесно една до друга. Малку притиснете ги, па премачкајте со нов слој павлака.




Повторете ја постапката додека имате пиперки. Одозгора премачкајте со павлака, целосно да бидат прекриени пиперките. Садот добро затворете го и оставете го да отстои во фрижидер две седмици, пред употреба. Од видео презентациите за приготвување на пиперки во павлака издвоивме два, од кој во првиот се користи павлака и сирење, а во вториот рецепт пиперките се полнат со павлака, густо се редат во теглата, а потоа се дополнува со матеница.




За подготовка на првиот рецепт се користат 3 кг пиперки – сомборки, 2 кг павлака со 20% м.м., малку сол, 600 г сирење Постапката погледнете ја во видеото ОВДЕ. А во вториот рецепт се користат 1,5 кг пиперки сомборки кои се мијат и се чистат од семете, па се полнат со домашна павлака – деталите погледнете ги ОВДЕ. На многу интересен начин ги приготвува нашата читателка Натка која детално го објасни процесот:

Коментар на Натка Талеска: „Јас ги правам на сличен начин само што претходно ги ситнам пиперките. Ги наросувам со сол и ги оставам 2-3 часа за да ја испуштат течноста. Потоа ги мешам со сирење или урда со павлака, ги додавам и пиперките за да се соедини убаво. На крај се собира во тегли или во истите кутии од павлаката и се оставаат најмалку 10 дена да отстојат во фрижидер.




После се за мерак, кога ќе ги јадете можете да ги наросите со потпечен сусам, добиваат уште поубав вкус и неверојатен мирис. Пробајте не е тешко за подготвување, потребна е само волја, а најмногу љубов, оти кога се зачинува со многу љубов тогаш се најслатки. Добар апетит, поздрав до сите, Наде”.




Многу интересен рецепт има и Емилија Бечиќ која ова мезе го приготвува на малку поинаков начин. За овој рецепт ќе ви бидат потребни жолти пиперки сомборки кои може да бидат и лути доколку ова јадење го сакате попикантно. Има повеќе начини за приготвување на овој деликатес.




Според еден начин, пиперките отстојуваат во солена вода, па се полнат со кисела павлака, според друг рецепт откога ќе се наполнат се долеваат со млеко и се чека млекото да се закисели… Ова е еден од побрзите и поедноставните рецепти, но се добива неповторлив вкус.

Потребни состојки: 2 кг пиперки, 2 кг сирење, 1 кг домашна кисела павлака. Постапка: Пиперките пригответе ги како што е објаснето во првиот рецепт: измијте ги, исчистете ги од семето и оставете ги да се просушат. Потоа во секоја пиперка ставете по половина лажичка сол, па рамномерно распоредете по целата внатрешност. Оставете ги пиперките со отворот кон горе да отстојат преку ноќ. Следниот ден исцедете ги од течноста која ја пуштиле, па оставете ги да се исушат.

Потоа полнете ги со филот од павлака и сирење кои сте ги помешале во блендер и сте додале сол. Полнетите пиперки редете ги во тегли, најпрво ставајќи од смесата на дното од павлаката. Од смесата ставајте и околу пиперките, пополнувајќи ги сите празни простори.

Теглите покривајте ги со газа или салветка. За побрзо да закиселат оставете некоја тегла на собна температура еден ден. Теглите се чуваат во фрижидер и откако ќе закиселат се затвораат со добро стегнати капаци.