Рецепт на Катица од каналот just.katebake. Вкусни крцкави брусекти со кашкавал. Одлична закуска, а може и ручек бидејќи супер одат со освежителна салата. Ги правам често во различни варијанти, а денес ќе ви ги претставам омилените со кашкавал..




Вкусовите се прилагодливи, некои ги сакаат попикантни, некои посолени, така што количината на зачини ја оставаме на вас. Јас најчесто користам багет лепче, но може и со обични парчиња бел леб или парчиња интегрален леб.




За 17 парчиња (толку собира на тавата), користам 100 г полурастопен путер со 100 мл маслиново масло. Путерот и маслиновото масло ги ставам во блендер, а во него додавам свеж магдонос, колку ќе ми се фати на рака. Покрај тоа, ние многу го јадеме магдоносот, па го ставам во речиси секое јадење.




Од суви зачини користам тоа што ќе најдам дома, овојпат ставив уште малку сув магдонос, може и суво оригано и мајчина душица, но во мала количина бидејќи имаат јак вкус. Потоа, сол, црн пипер и малку чили по вкус, за брускетите да добијат пикантен вкус.




Зачините ги ставам директно во блендерот и се блендира додека да се добие густа убава смеса. Смесата се премачкува на лепчињата, а одозгора се наросува со кашкавал, јас користев околу 300 г.




Се става на печење во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 15 – 20 минути. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.

II РЕЦЕПТ. Рецепт на Домашни Рецепти. Стапчиња со сирење, лиснати и меки, вкусни се и ладни и топли. Одлични се за појадок, вечера или ужина, а може да се послууваат на родендени, слави и други пригоди.




Потребни состојки: 400 мл топла вода, 200 мл јогурт на собна температура, 40 г свеж квасец (10 г сув), 1 кг меко брашно, 1 лажица шеќер, 1 лажичка сол или по вкус, 500 г ситно сирење, 2 полни лажици кисела павлака, 250 г маргарин, 2 жолчки, 50 мл масло + 4 лажици.




Постапка: Во млака вода растворете го квасецот, додајте една лажица шеќер и промешајте. Додајте 300 – 400 г брашно и сол, па повторно промешајте, да нема грутчиња. Додајте отприлика уште толку брашно, 50 мл масло, јогурт и повторно промешајте.




Постепено додека го месите тестото додајте го остатокот од тестото (за изработка на тестото се доволни 900 г брашно). Замесете го тестото, прелијте со 2 лажици масло и премакајте го од сите страни, па оставете го да стаса околу еден час додека да се удвои количината.




Ситното сирење ако не е солено посолете го, додајте ја киселата павлака и промешајте. Стасаното тесто премесете го и развлечете го во кора со димензии приближно 40х60 цм. Изрендајте маргарин преку целата површина, па свиткајте ја кората како ролат. Оставете го ролатот да одмори 10 минути, па повторно развлечете го во кора.




Доколку не ви го собира целиот ролат, пресечете го на половина. Развлечете кора со дебелина од 0,5 цм и одозгора нанесете половина од филот. Преклопете ја кората и сечете ленти, а секоја лента спирално извиткајте ја. Лентите кои сега личат на стапчиња редете ги во намастен плех од рерна.




Кога ќе ги наредите сите ленти, изматете ги жолчките со преостанатите 2 лажици масло и прстофат сол, па премачкајте ги стапчињата. Оставете ја да стаса првата тепсија, додека да ја наполните и втората тепсија (истата постапка повторете ја и со вториот дел од тестото).

Кога ќе завршите и со второто тесто, вклучете ја рерната да се загрева на 220 степени, а за тоа време тестото уште малку ќе стаса. Ставете да се пече околу 20 минути, а доколку имате постара рерна може и 25 минути додека да заруменат одозгора.