ВКУСНИ КОЛАЧИЊА ПОТОПЕНИ ВО ЧОКОЛАДО, без шеќер, брзи, лесни и здрави. Рецепт на Брзи Рецепти. Вкусни колачиња од урми и ореви, без печење и без шеќер. Во продолжение прочитајте уште еден рецепт за посен манастирски пита-колач.
Потребни состојки: 80 г овесни снегулки, 100 г ореви, 150 г урми без семка, 10-15 г какао во прав, 2 лажички мед, 150 г темно чоколадо за готвење, 30 мл масло. Колачињата не содржат многу состојки, а тие што ги содржат се здрави. Сè што ви е потребно е само еден блендер.
Постапка: Овесните снегулки се ставаат во блендер и се мелат. Потоа во нив се додаваат оревите и заедно се блендира смесата. Во меѓувреме, секоја урма се сече на половина и од неа се вади семката, а кога ќе ги исчистите сите урми, и нив додајте ги во мелената смеса од овесни снегулки и ореви, заедно со какаото.
Сомелете сè заедно, а потребно е да добиете тенка смеса, со мека конзистентност. Смесата се префрла во подлабок сад и се додаваат 2 супени лажици мед. Сè заедно се меша со лажица до убаво соединување на медот со останатите состојки.
Потоа со раце се зема од смесата и започнувате со формирање на кругови со дебелина од 1 прст. Се прават форми се додека смесата да се потроши, а од оваа смеса излегуваат многу. На крајот, потребно е да го стопите чоколадото заедно со маслото на тивок оган или на пареа.
Најдобро би било да го стопите на пареа, и со лажица и виљушка земате по едно колаче, целосно потопете го во чоколадото. Колачињата се редат врз решетка поставена врз плех обложен со хартија за печење. Потоа се ставаат во фрижидер неколку минути колку да се стврдне чоколадото, па се послужуваат. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.
II РЕЦЕПТ. Манастирска пита со урми – посно на вода! Оваа пита-колач се подготвува без масло и е посна, многу ја прават за време на постните денови, бидејќи заситува, а сепак е здрава.
Потребни состојки за тесто: 100 г шеќер, 6 лажици џем од кајсии, 1 шолја сечкани ореви, 1 шолја сечкани урми, 1 шолја сечкано суво грозје (или цело), ½ л млака вода, 1 портокал – сок и рендана кора, 500 г брашно, ½ кесичка прашок за печиво, лимонова кора, 1 лажичка сода бикарбона, ½ лажичка цимет. Потребни состојки за украсување: 3 лажици џем од кајсии, 3 лажици мелени ореви.
Постапка: Во подлабок сад ставете: брашно, прашок за печиво, шеќер, ореви, урми, суво грозје, рендана кора од лимон и портокал, сода бикарбона, цимет и џем од кајсии кој претходно сте го разредиле со неколку лажици млака вода.
Сето добро промешајте го, па додајте сок од портокали и остатокот од вода, па префрлете го тестото во тркалезен калап обложен со хартија, израмнете со лажица и печете во загреана рерна на 180 степени околу 30 минути.
Колачот извадете го од рерна, премачкајте го со џем па печете уште 5-10 минути. Изладениот колач исечете го на парчиња, поросете со мелени ореви и сервирајте со кафе или топло какао.