Овие сусамки се многу вкусни. За сите љубители на сусамот, овие колачиња се просто неверојатни – крцкави и ароматични, речиси со сигурност може да се каже дека повкусни од нив не сте пробале!

Имајте ја во предвид нивната здравствена предност. Имено, сусамот е лидер по содржината на калциум (го има 10 пати повеќе од млечните производи), па така е одличен за оние кои патат од остеопороза или имаат чести проблеми со забите поради недостиг на овој минерал.

Се прават многу едноставно:

За приготвување на овие колачиња (за 10-15 парчиња) ќе ви биде потребно:

70 г брашно

60 г путер

120 г шеќер

1 кесичка ванилин шеќер

1 јајце

1 чајна лажичка исцеден лимонов сок

160 г сусам

½ чајна лажичка прашок за печиво

½ чајна лажичка сол

Постапка:

1.Измешајте ги брашното, прашокот за печиво и солта.

2.Изматете го омекнатиот путер со шеќерот. Потоа додадете го јајцето, ванилин шеќерот и лимоновиот сок. Матете со миксер 20-30 секунди.

3.Намалете ја брзината па полека додавајте го брашното во оваа смеса. На крајот додадете го сусамот и сето убаво промешајте го.

4.Со лажица ставајте на хартија за печење на растојание од 3-4 сантиметри.

5.Печете во загреана рерна на 180 степени.

6.Водете сметка да не ви загорат. После 5-6 минути, свртете ги на другата страна. Вкупно време за печење е 10-15 минути, во зависност од големината на колачињата.

7.Во почетокот додека се топли, сусамките се меки и лепливи. Затоа, оставете ги да се изладат. Тогаш стануваат крцкави и многу вкусни!