Во последно време, сѐ почесто може да најдете многу брзи и едноставни рецепти за колачи, торти и останати солени јадења. Здравите слатки се многу популарни, а покрај тоа што се многу вкусни и се подготвуваат од евтини состојки, овие колачиња може да ги јадете без гpижа на совест, додека сте на посебен pежим на исхрана и водите здрав живот.




Друг бенефит од овие „брзи“ рецепти е што количините може да ги подготвувате во чаша или калапче за мафини, така што нема да валкате многу садови и намирници. Доколку ви се пријаде нешто благо, отидете в кујна и подгответе си навистина вкусен десерт, за помалку од 5 минути.




Оваа тортичка од здрав пандишпан и крем е толку многу вкусна што често ќе си ја правите. Нема да забележите дека пандишпанот не содржи масло и брашно. Бананата, која е основа на бисквитот, ѝ дава уникатен благ вкус, кој дополнително се засладува со мед или јаворов сируп. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 банана, 1 јајце, 30 г какао, третина лажичка сода бикарбона (околу 2-3 г), 130 г крем сирење (филаделфија, маскарпоне, абц…), 1 супена лажица течен мед или јаворов сируп (или течно густо сладило по ваш вкус). За декорација: рендано црно чоколадо или бобесто овошје.




ПОСТАПКА: Овој колач е наменет за една особа, а доколку сакате да направите поголем, соодветно зголемете ги количините. Најдобро е да користите зрела банана која е поблага, за да не додавате мед или јаворов сируп. Излупете ја бананата и исечете ја на помали парчиња, па ставете ја во некој сад и испасирајте ја со помош на виљушка.




Доколку имате помал блендер, ставете ја во блендер, но изблендирајте ја сосем кратко. Бананата не треба да има поголеми грутчиња. Потоа, изматете едно јајце со виљушка, па додајте го во испасираната банана. Промешајте со жица/маталка додека двете состојки убаво се соединат.




Потоа додајте 30 г какао во прав, просеано низ сито, за да не се направат грутчиња. Додајте го прашокот за печиво, околу 1/3 лажичка. Изматете добро додека да добиете изедначена, хомогена и полутечна смеса. Земете една огноотпорна шолја со дијаметар од 9 см (или два калапи за мафини) и убаво намастете со масло.




Излејте ја смесата во неа, малку протресете и ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени, 25 минути. Во меѓувреме пригответе го кремот. Измешајте 130 г крем сирење со една лажица течен мед или некој сируп по ваш избор (одберете поздрава варијанта). Печениот колач оставете го да го излади пред да го филувате.




Потоа внимателно извадете го од калапот и пресечете го на два дела. Во средина филувајте го со половина од кремот, поклопете со втората кора, па нанесете го остатокот од филот. Одозгора наросете малку црно чоколадо и декорирајте со овошје по желба. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.