ВКУСЕН РУЧЕК: необична мусака од похувани пиперки, се јаде ладна или топла. Мене ми е повкусна дури и од обичната мусака со компири, а се прави многу едноставно, за час е спремна. Многу е вкусна кога е топла, а ладна уште толку поубава.
Јас ја викам мусака бидејќи се сечат такви парчиња, а помалку личат на лазањи бидејќи пиперките се многу тенко исечени и похувани. Може да се прави и со сирење, ја имам пробано и така, но за во зима го практикувам повеќе овој рецепт.
Потребни состојки: 2 помали главици кромид, 400 г јунешко месо, 20 похувани пиперки, половина чашка павлака, 2 јајца, малку млеко, сол, црн пипер, црвен сладок пипер, вегета, магдонос (може сув или свеж).
Постапка: Мене веќе пиперките ми се похувани сите веќе знаеме како се похуваат. Важно е да се тенко исечени, јас имам околу 20-тина пиперки, но може да правите и помалку редови од мусаката, не мора цел рид како мене..
Кромидот се сечка ситно на коцки и се става да се пропржи во малку масло. Кога ќе почне да омекнува пред да кристализира додајте го меленото месо, јас користам јунешко. Зачинете со 1 лажичка црвен сладок пипер, 1 лажичка вегета, малку сол и црн пипер.
Промешајте и почекајте месото да посиви, тогаш значи дека е готово. Исто така во него додајте и малку магдонос сув, а ако немате може и свеж но да биде ситно сечкан. Кога месото ќе се испржи во еден огноотпорен сад почнете да ги редите пиперките.
Јас ставам по 2 реда од 3 пиперки една до друга и потоа малку од филот со мелено месо. Потоа повторно пиперки, па мелено месо и сè така додека да го потрошите материјалот. Веројатно ќе добиете 3 реда од пиперки.
Одозгора се залива со прелив кој се прави на следниов начин: половина чаша павлака се меша со 2 јајца, се додава малку млеко за да се разреди смесата и се посолува по вкус. Оваа смеса се прелива одозгора и се става на печење. Одозгора може да изрендате и малку моцарела или некој друг кашкавал.
Печете во претходно загреана рерна на 200 степени, 30-тина минути. Потоа сечете коцки и послужете. Мене ми е повкусна дури и од онаа со компири. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
Пиперките може да ги похувате на следниов начин во: 2 јајца, 50 – 100 г брашно, 50 г лебни трошки, 30 г рендан пармезан, масло за пржење и сол, црн пипер, вегета, вегетаријански микс за зачинување.
Постапка: Измијте ги пиперките и испечете ги на скара или рингла и оставете ги во затворен сад да испарат за полесно да се излупат. Пиперките излупете ги и извадете им ги семките. (Обично ги оставам преку ноќ во фрижидер во цедалка, која ја ставам преку подлабок сад, за цедалката да не го допре дното на садот).
Во плитка чинија изматете ги јајцата со малку сол. Ставете брашно во друга плитка чинија. Ставете ги двата вида трошки во третата поплитка чинија (лебните трошки даваат многу убав крцкав вкус), додајте свежо рендан пармезан и сите зачини по ваш вкус и сето тоа добро соединете го.
Секоја подготвена пиперка превртете ја неколку пати прво во брашно, потоа во јајца и на крај во лебните трошки. Похувајте ги сите пиперки на овој начин и ставете ги на чинија. Во тавче загрејте го маслото. Ставете ги пиперките во врело, не премногу жешко масло и пржете ги само додека да од едната страна, потоа внимателно свртете ги на другата страна и пржете ги на истиот начин.
Извадете ги полнетите пиперки на на чинија на која сте ставиле неколку кујнски хартии за да го исцедите вишокот маснотии. Послужете ги топли, но подеднакво се добри и кога се ладни. Во зависност од тоа колку пиперки подготвувате за мусаката, може да си додавате од состојките во смесата за похување.