Лепчето е посно, па така може да се приготвува секој ден, бидејќи секој може да го јаде. Освен што не содржи јајца, ниту млеко, ова лепче кои некои го нарекуваат „фокача“, е исклучително ароматично и вкусно, бидејќи е зачинето со лук и маслиново масло, а џиновските крцкави меури го прават неодолив…




Тестото за ова лепче нема потреба да се меси со рака, но за да се појават вака џиновски меури потребно е да се дипли, што ќе видите – е многу лесна постапка, но исто така, потребно е да се остави да ферментира неколку пати, и тоа во комбинација од топла-ладна ферментација (да отстои цела ноќ во фрижидер).




Па така, иако целата постапка е многу лесна и едноставна, сепак е долготрајна, па ако го направиуте тестото денес, имајте во предвид дека дури утре ќе го испечете. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 260 г сенаменско брашно (или брашно со кое вообичаено замесувате леб), 200 мл млака вода, 15 мл маслиново масло, 4 г сол, 2 г сув квасец (половина лажичка). ЗА ФИЛ: 70 г лук, 20 г маслиново масло, 1 прстофат сол, малку црн пипер




ПОСТАПКА: Во подлабок сад истурете ја водата и додајте го квасецот. Промешајте за да се раствори, а потоа додајте ги брашното и солта. Мешајте со лажица или шпатула додека да се формира компкатно тесто. Тестото е влажно и лепливо, па затоа не се меси со рака.




Додајте маслиново масло, па продолжете да го „месите“ тестото со шпатулата додека целосно да го впие. Покријте го со фолија и оставете го на топло место да стасува половина час. По изминатото време се започнува со „диплењето“.




ДИПЛЕЊЕ: Натопете ги рацете со вода, па фатете го тестото од едната страна и развлечете го внимателно, како да подигнувате чаршав. преклопете го. Истата постапка повторете ја од сите 4 страни. Потоа повторно покријте го со фолија и оставете го стасува 20 минути. Оваа постапка потребно е да се повтори 3 пати.




После третото диплење, покријте со тестото со фолија и оставете го цела ноќ во фрижидер за да се направи ладната ферментација. Следниот ден намастете го плехот (со средна вличина) и едноставно само истресете го внатре тестото. Направете го четвртото диплење, превртете го наопаку (со диплите долу), а потоа оставете го 20 минути.




После 20 минути внимателно развлечете го со рацете под тестото, па заедно со тепсијата оставете го во исклучена рерна за последната ферментација која треба да трае 1-2 часа. За тоа време пригответе го филот од лук: исечкјате го на тенки ленти, посолете, запиперете и издинстајте го на масло додека да омекне. Оставете го настрана да се олади.




Кога ферментацијата на тестото конечно е завршена, тестото треба да ја исполни целата тепсија. Намастете ги рацете па со прстите боцкајте го тестото. колку повеќе го боцкате, толку повеќе меури ќе излегуваат од него.

Одозгора прелијте го оладениот лук, па ставете да се пече во претходно добро загреана рерна на 230 степени околу 20-25 минути. печениот леб оставете малку да се подизлади, па сечете го и послужете го. Деталите погледнете ги ОВДЕ.