Многу вкусни коцки кои се топат во уста. Евтин колач кој го правам секогаш кога ќе ми дојдат ненајавени децата на гости, а секогаш им се јаде нешто благо од моите рецепти, па овој колач го правам набрзина кога немам време.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 50 г путер, 50 мл масло, 200 г пченичен гриз, 400 мл вода, 300 г шеќер, 1 ванилин шеќер (10 г) и 10 г цимет (во оригиналот пишува 20 г, ама 10 г се доволни). ЗА ЧОКОЛАДНА ГЛАЗУРА: 100 г чоколадо, 30 г путер и 50 мл млеко, *за глазура може и 100 г чоколадо растопено со 3 лажици масло.
ПОСТАПКА: Во еден сад ставете вода, шеќер, ванилин шеќер и цимет. Загревајте на тивок оган да се готви, а кога ќе започне да врие оставете 5 минути па тргнете на страна. Во друг сад ставете путер и масло, на тивок оган загревајте ги за да се растопат.
Потоа додајте го гризот со постојано мешање со жица или лажица додека гризот да добие жолтеникава боја. Внимавајте да не ви загори. Кога ќе добие боја, додајте го шербетот од првиот сад, добро промешајте да се соедини и гответе заедно на тивко уште 2-3 минути, убаво да се поврзат.
Излејте во помал плех 20х25 см, а кога ќе излади одозгора ставете чоколадна глазура. *кај ваквите, непечени колачи, плехот може многу малку да се намасти, па колачот при вадењето и сервирањето полесно ќе се вади. За чоколадна глазура: на пареа растопете чоколадо искршено на коцки, путер и млеко (или во микробранова печка).
Колачот е најдобро да се остави преку ноќ да излади. Ова е колач кој со стоење станува уште подобар, бидејќи останува влажен и после неколку денови. Може да се направи и посен, ако наместо путер се употреби маргарин. Прочитајте го и вториот рецепт, кој вреди да си го имате во вашиот тефтер:
Ако сакате нешто многу вкусно, може да го направите и овој чоколаден кремаст колач за кој ќе ви бидат потребни следниве состојки. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 100 г шеќер, 200 г путер/маргарин, 100 г чоколадо за готвење, 4 лажици брашно, 1 прашок за печиво, 4 јајца.
ЗА КРЕМ: 200 г чоколадо за готвење (или Нутела), 500 мл слатка павлака, 1 лажица шеќер. ПОСТАПКА: Жолчките изматете ги со шеќерот, додајте растопени и изладени путер и чоколадо, па брашно помешано со прашок за печиво и на крај снег од белки (белките измешајте ги полека и внимателно со лажица).
Печете во тепсија 20х35 см на 180 см околу 20 минути (проверете со чепкалка). ЗА ФИЛОТ: слатката павлака загрејте со шеќерот на тивко, тргнете на страна па додајте го искршеното чоколадо и мешајте додека да се растопи.
Печениот бисквит избоцкајте го со виљушка на неколку места и додека е топол прелијте го топлиот крем. Кремот е доста редок, но нема потреба да се мати со миксер или да се додава било што друго, зошто кога ќе излади ќе се стегне. Колачот прво се лади на собна температура, а потоа се става во фрижидер најмалку 5 часа добро да излади и да се стегне.