Витамински џем од цвекло, јаболка, моркови и лимон…Многу вкусно и здравно, за силен и јак организам…На сите искрено им го препорачувам овој превкусен џем! Еве што ви е потребно:

Потребни состојки:

500 г цвекло
500 г морков
500 г јаболка
500 г лимон – сок
500 г шеќер (во случајов делува како конзерванс, но, по желба користете некоја замена по ваш избор)
100 мл вода

Постапка:

Цвеклото, морковот и јаболката убаво измијте ги, излупете ги, исечете ги на парчиња и ставете ги во блендер или сомелете ги на машина. Потоа во таа смеса додајте исцеден сок од половина килограм лимони.

Шеќерот и водата ставете ги на оган да се вари 5 минути, па додајте ја смесата од мелената мешавина. Гответе 20 минути со повремено тргање на пената.

Кога џемот ќе биде готов, малку извадете на тацна и проверете ја густината.

Врелиот џем складирајте го во стерилизирани тегли, веднаш затворете со добри метални капаци и превртете ја теглата за да се вакумира. Оставете го џемот да излади.

Има прекрасен вкус, уверете се сами. Првпат го правам овој џем и топло ви го препорачувам. Може да се прави во било кој период од годината. Идеален е за палачинки.

*За сите што не сакаат да го варат: приготвувањето е исто, а наместо шеќер може да се додаде мед. Потоа мора да се чува во фрижидер и да се потроши во следните неколку денови.

*За оние што ќе го варат како џем, но не сакаат или не смеат да користат шеќер, овошјето и зеленчукот може да ги сварат со малку вода, па да ги испасираат и на крај да додадат лимонов сок и мед. Обично на 2 кг овошје се додава една супена лажица мед или повеќе ако е за деца.