Фото и рецепт: Сунчица Савиќ Стојановиќ – Лутеница од моркови.

Лутеницата може да се приготви од сечкани, рендани или мелени состојки, а според рецептот на Снежана Бењоцки состојките се мелат: 2 кг моркови кратко се обаруваат, ½ кг лути пиперки, 1 главица лук, свеж лист од целер количина по желба – и сè се меле, па се додава 100 мл масло, 500 мл вински оцет, лажичка сол, конзерванс и винобран. Добро се меша и се складира во тегли. За сите оние што ги одбегнуваат конзервансите, нека го проследат рецептот на Сунчица кој е опишан подолу.

Потребни состојки:

5 кг рендан морков
½ сечкани лути пиперчиња
1 китка сечкан магдонос
3 главици лук
3 чаши (200 мл) масло
1 чаша алкохолен оцет 9%
1 чаша шеќер
4 полни лажици сол

Постапка:

Сите состојки измијте ги, исцедете ги, исечкајте ги или изрендајте ги и добро промешајте ги во поголем сад. Оставете да отстои 12-24 часови. За ова време додека лутеницата “одлежува” треба да се промеша уште 1-2 пати.

Пред да се складира во тегли треба да се вкуси и по потреба да се додаде уште сол или оцет, според желба. Полнете ги теглите до врв притискајќи со лажица, за да може зеленчукот убаво да се нареди.

Ставете потиснувач (бела пластична мрежичка) и долијте ја течноста која останала од морковите. Потоа ставете ги теглите да се пастеризираат, а начинот можете сами да ги одберете: во тенџере со вода, во рерна во машина за садови…

Јас ги пастеризирав во тенџере: Земете поголемо тенџере и ставете крпа на дното, наредете ги теглите да не се допираат. Налејте вода до 1,5 см под капаците, па кога ќе почне да врие, тргнете на страна, извадете ги теглите и свиткајте ги во крпи и така оставете ги да се оладат.

Правев половина од оваа мера, а лутеницата ја складирав во 3 тегли од по 1 литар. Лутата пиперка може да се замени и со обична – слатка пиперка.

Фото и рецепт: Сунчица Савиќ Стојановиќ