Пицата е веројатно најпознатото јадење во светот. Сепак, не би било изненадувачки што различни народи си имаат своја верзија на пица. Пицата потекнува од малите италијански села и градови, во кои домаќинствата со поголем број станари живееле оскудно.
Ова е приказна за пицата и за тоа како и кога за првпат се направила. Пицата е вкусно јадење што е најчестиот избор храна на младите. Достапна е речиси низ целиот свет, но дали некогаш сте се запрашале како пицата стана толку популарно јадење ширум светот во различните култури? Подолу во текстот ви претставуваме два рецепти за пица тесто.
Приказната започнува во Италија, како што на повеќето им е познато, поточно во Неапол. Неапол се наоѓа во јужниот дел на Италија и е основан околу 600 п.н.е. како грчка колонија – Полис. Во текот на 17 и почетокот на 18 век, тој бил крајбрежен град во голем развој.
Технички, Неапол имал независно кралство и бил познат по големиот број на сиромашна работничка класа, т.н. Лазарони. Близу крајбрежјето, бројот на сиромашни семејства растел, а повеќето жители на Неапол живееле на отворено, додека другите имале куќи не поголеми од една соба/просторија.
За разлика од богатото мнозинство, на овие жители им била потребна евтина храна што може лесно да се набави. Во тој момент се направила пицата. Тогаш сиромашните жители се досетила на интересно јадење кое се подготвувало многу лесно. На рамно парче леб се ставале разни додатоци, а тоа јадење се продавало од уличните продавачи.
Оваа извонредна досетка ги задоволувала потребите на гладните Неаполци. Дури и најраните верзии на пицата што биле подготвувани содржеле вкусни додатоци што толку многу ги цениме денес, како што се доматите, сирењето, маслиновото масло и кромидот.
Кралицата Маргарита и славниот Неапол
Италија била обединета во 1861 година, а кралот Умберто Први и кралицата Маргарита го посетиле Неапол во 1889 година. Легендата вели дека парот се изморил од специјалитетите на вкусната француска кујна на патувањето, па затоа побарале асортиман на пици од градската пицерија Бренди.
Типот на пица што најмногу и се допаднал на кралицата била направена со меко бело сирење, црвен домат и зелен босилек. Веројатно не случајно нејзината омилена пица ги содржела боите на италијанското знаме. Оттогаш, се вели дека комбинацијата од додатоците кои биле ставени на пицата за кралицата, станала позната како пица Маргарита.
Благословот на кралицата Маргарита се проширил низ цела Италија и пицата станала омиленото јадење на сите италијански жители. Во исто време, Сицилијанците направиле свој вид пица. Островот Сицилија имал своја верзија на пица, позната како фокача со густа кора. Интересно е да се знае дека пицата била омилено јадење и на старите Египјани, Римјани и Грци.
Пицата го ”колонизирала” целиот свет
Преку океанот, имигрантите од Неапол ги правеле своите крцкави пици во американските градови, вклучувајќи ги Трентон, Бостон, Чикаго и Сент Луис. За време на Втората светска војна, Ира Невин (роден во Њујорк) служел во Неапол и се вратил дома како многу други војници со превкусни спомени за пицата. Но, Невин имал тајно ору-жје: неговото семејство се занимавало со правење печива, па така тој го вовел овој прекрасен специјалитет во САД.
Невин ги измислил првите печки на гас со керамички штандови за пица. Почиста и поефикасна од печките со јаглен, им овозможила на претприемачите да отворат пицерии и така пицата се раширила многу брзо во американските држави.
Пицата освен што била хедонистичко задолство во многу градови и држави, таа била многу евтина и брза храна која можеле да си ја дозволат сите класи. Секое семејство ја подготвувало пицата по свој вкус и тоа што им се наоѓало во домовите, па така настанале разновидните видови на пица. Најпрво пицата се подготвувала во неправилна форма, но потоа Италијанците ја усовршиле и ја формирале во круг.
Денес, можете да јадете најразлични видови пица, па дури и одредени варијанти што веројатно ќе ги воодушеват Италијанците, како што е пицата со Нутела.
I рецепт: Оригинален рецепт за тесто за пица. Рецепт и видео презентација на Сара од Мои Домашни рецепти – оригинален рецепт за пица.
Пицата е секогаш добра идеја за ручек или вечера, убава вкусна пица приготвена со состојки кои веќе ги имате во фрижидер. Во овој рецепт ви се откриени неколку тајни за да добиете перфектно тесто исто како од пицерија. Една од тие тајни е дека тестото е најдобро доколку го приготвите од претходниот ден и го оставите да преноќи во фрижидер 24 часа. Тогаш станува најеластично и најподатно за работа.
Филувањето е веќе работа на вкус, а професионалните мајстори препорачуваат да не се претоварува премногу пицата со материјал, колку помалку има, толку подобро се испекува тестото. И уште нешто: наместо оригано, ставете босилек.
Потребни состојки: 400 мл ладна вода, 1 кафена лажичка сол, 50 г брашно, 8 г сув квасец, 550 г брашно, 20 мл маслиново масло, малку пченкарно брашно за премесување. За фил: 400 мл доматен сос со, босилек, црн пипер, 150 г моцарела, 150 г кашкавал, димено месо, кулен, шунка, по вкус…
Постапка: Во подлабок сад за месење ставете 400 мл ладна вода, 1 кафена лажичка сол (промешајте додека да се раствори солта), 50 г брашно и 1 кесичка сув квасец (8 г). Промешајте со жица за матење додека состојките убаво се изедначат, да нема грутчиња. Оставете неколку минути, па во разматениот квасец додадете 550 г брашно и со рака замесете меко, лепливо тесто.
Откако добро ќе го замесите, формирајте топка од тестото, премачкјате го со 20 мл маслиново масло и премесете го уште еднаш додека да го впие маслото во себе. Ќе забележите дека тестото ќе стане поеластично и нема да се лепи. Затворете го и оставете го во фрижидер да одмора 24 часа.
Работната површина набрашнете ја со пченкарно брашно, па тестото истресете го и премесете го. Поделете го на два дела за две поголеми пици или на три дела за три средни пици. Секој дел развлечете го тенко со оклагија, кората пренесете ја во плех, преку цела површина премачкјате ја со доматен сос.
Наросете со рендан кашкавал и моцарела, зачинете и ставете парчиња сувомеснато по ваша желба. Ставете да се пече во добро загреана рерна на најсилно, најмногу до 15 минути. Деталите од постапката за приготвувањето на ова тесто можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
II рецепт: Наједноставното тесто за пица, без месење а толку меко што се развлекува со раце
Ова е наједноставното тесто за пица, речиси без месење и толку меко што може да се развлекува со рацете. Ова тесто може да го направи секој почетник, и да го развлече без оклагија како вистински мајстор. Мора да го пробате! Ќе видите колку е едноставно.
Потребни состојки: 500 г брашно, 250 мл вода, 70 мл масло, 15 г свеж квасец (3 – 4 г сув), 1 лажичка шеќер, 1 лажичка сол.
Постапка: Во топла вода издробете го квасецот, додадете шеќер и убаво промешајте за да се растопи. Додадете половина од брашното и речиси целото масло, оставете малку да се впие маслото, па кога ќе се додадете и солта, добро промешајте со лажица. Како постепено го додавате остатокот од брашното, така продолжувате со мешање. Кога тестото повеќе не може да се меша со лажица, лесно замесете го со рака, колку да му дадете облик.
Не е потребно долго месење бидејќи тестото веќе е добро изработено со лажицата. Намастете го оформеното тесто со остатокот од маслото што остана, па оставете го да стасува 30 минути. Тестото ќе биде меко и лепливо. Наросете ја работната површина со брашно и малку премесете го тестото. Од оваа мера излегуваат две поголеми тркалезни тепсии.
Тестото е меко и може а се развлекува со раце и да се постави во тепсијата. Филувајте по желба, но внимавајте да не ставате премногу фил зошто ќе го “загушите” тестото. Испечете ја пицата неколку минути во загреана рерна на највисоката температура што ја имате. Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска.
Ако ве интересира, прочитајте што вели победникот меѓу најдобрите пиц-мајстори од Хрватска, како се приготвува најдобрата пица и кои се најчестите грешки поради кои пицата не излегува како што сме посакувале, на линкот ОВДЕ.