Колку повеќе ќе употребите кромид и праз (без разлика што нема месо), толку сармата ќе биде повкусна. Добро би било садот во кој ќе се пече сармата да е повисок, за да не капе во рерната кога ќе зоврие. Особено добар вкус сармата има доколку се пече во земјен сад.
Иако е посна сармата немојте да штедите на масло, и колку подолго се крчка толку е повкусна. Нормално, температурата не треба да биде силна, туку умерена. Пред крајот можете да ја попарите со загреано масло во кое сте додале црвен пипер во прав, а може да ја динстате и во доматен сос или супа од домати.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 1 главица кисела зелка, 300 г ориз, 3 парчиња праз, од зачини: црн пипер, нане, црвен пипер и уште ќе ви биде потребно 200 мл масло.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 1 главица кисела зелка, 4 главици кромид, 2 големи стебленца праз, 3 филџани ориз, 1 лажица алева пиперка во прав, 1 лажица крупна лута или слатка толчена пиперка, сол, црн пипер, ловоров лист, масло.
ПОСТАПКА (ПРВ РЕЦЕПТ): Одвојте ја зелката лист по лист на малечки парчиња. Исечете го ситнo празот и добрo испржете го во загреано масло. Потоа дoдајте го црвениот пипер и оризот. Прoпржете го уште малку и тргнете го од оган, а потоа додајте го црниот пипер и нането.
Свиткајте сарми во големина на oрев. Налејте ги со малку расолница и вода и варете ги на тивок оган. Кoга ќе бидат речиси варени сармите, додајте уште еден филџан масло, а во продолжение прочитајте ја подготовката за вториот рецепт:
ПОСТАПКА (ВТОР РЕЦЕПТ): Кромидот ситно исечкајте го, а исто така и празот. Треба да добиете доста количина, па најдобро е да го пропржите во поголем сад на малку масло. Додајте го измиениот ориз и динстајте на умерена температура додека оризот да застакли.
Потоа додајте сол, црн пипер во прав, слатка мелена црвена пиперка и лута толчена питерка (буковец). Кој не сака може да стави сладок буковец. На дното од огноотпорен сад, тепсија или земјена тава ставете малку масло, па наредете неколку листови од зелката или исечкајте го средишниот дел од зелката кој не може да се искористи за виткање на сарми.
Сармите се многу поубави кога се мали, па затоа листовите сечете ги на половина или на помали делови, а тврдиот дел отстранувајте го. Филувајте ги со една рамна лажица фил, а потоа виткајте ги и редете ги во садот во кој ќе се печат.
Ставете 2-3 ловорови листови и одозгора сармичките покријте ги со неколку листови зелка. На тој начин тие остануваат посочни. Прелијте ги со врела вода и ставете ги во рерна да се печат на 180 степени околу 3,5-4 часа.
Решетката на рерната треба да биде поставена пониско од средината. Кога ќе ги тргнете листовите, сармите се сочни, а не препечени. Можете да ја послужите топла, но и ладна. Сармата е превкусна.