Фото и рецепт: Светлана Нешковиќ

Домашните многу ги сакаат ванилиците, а овој рецепт ми се допадна зошто може да се прави и во посна варијанта. Се топат во уста! Можете да ги натопувате во чоколадо, но и не морате!

Потребни состојки:

250 г маргарин омекнат
130 г шеќер во прав
1 ванилин шеќер
1 портокал – рендана кора
300 г универзално брашно
200 г мак

Постапка:

Маргаринот омекнете го на собна температура, додадете шеќер во прав и ванилин шеќер па добро изматете со миксер. Додадете рендана кора од портокал и уште малку промешајте.

Во друг сад просејте го брашното и промешајте го со макот. Потоа соединатете го со маргаринот и замесете со рака додека да добиете компактно тесто.

Од тестото развлечете кора со дебелина од 0,5 см и вадете кругови со помала чаша, како што тоа го правите со обичните ванилици.

Редете ги во плех и печете ги во загреана рерна на 180 степени околу 10 минути. Внимавајте да ви останат бели. Кога се печени извадете ги да се изладат.

Спојувајте ги по две со џем од кајсија. Кога добро ќе се залепат (најдобро е да преноќат), можете да ги натопувате до половина во црна и бела чоколадна глазура.

Глазура: 100 г бело посно чоколадо со 2 лажици масло се растопува на пареа. Истата постапка е и за црното чоколадо.

Ако сакате можете и да не ги спојувате, туку поединечно да ги натопувате во чоколадо.

Од оваа смеса излегуваат околу 70 парчиња споени по две, вкупно 4 плеха се печат.