Рецептот на Сања од Кујната на Аурора е вистинско изненадување за сите љубители на благото. Ќе бидете воодушевени од вкусот и изгледот, но и самата подготовка која е едноставна и брза, така што секој може да ја направи со малку намирници кои обично сите ги имаме дома.




Лесна, пенаста, штом ќе ја направите, веднаш ќе си исечете 2 парчиња од неа да ја пробате. Идеална е за сите што се зафатени и немаат многу време да готват. Дури и љубителите на чоколадото ќе ја засакаат оваа торта со неодолив вкус. Еве кои состојки ви се потребни:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ФИЛ: 650 мл млеко, 2 пудинзи од ванила, 5 жолчки, 100 г шеќер во прав или по вкус може да ставите и повеќе, 2 кесички ванилин шеќер, 180 г путер. ЗА КОРА: 5 белки, 3 лажици масло, 3 лажици шеќер, 1 голема лажица брашно, 1 кесичка пудинг од ванила. ЗА ДЕКОРАЦИЈА: 500 мл слатка павлака.




ПОСТАПКА: Најпрво се подготвува филот. Одвојте ги белките од жолчките. За филот ќе ви бидат потребни 5 жолчки. Во едно тенџере ставете го млекото, а околу 200 мл зачувајте си настрана за да ги измешате кесичките пудинг.




Тенџерето со млеко се става на рингла да се загрее, додека остатокот од млекото се меша со 2 кесички пудинг од ванила и 2 кесички ванилин шеќер. Измешајте ги состојките со жица/маталка, па кога ќе соедините се додаваат жолчките и смесата се меша додека да стане еднолична.




Во загреаното млеко се додава соединетата смеса и со постојано мешање се вари на рингла додека да згусне, како пудинг. Филот се префрла во еден сад и се покрива со проѕирна фолија, за да не фати коричка одозгора.




ЗА КОРАТА: Во еден подлабок сад ставете ги белките и изматете ги пенасто, постепено додавајќи 3 лажици кристал шеќер и 1 кесичка ванилин шеќер. Во изматениот снег од белки се додаваат 3 лажици масло, 1 кесичка ванилин пудинг и 1 лажица брашно, кое треба да биде просеано.




Рерната вклучете ја на 160 степени, а потоа убаво соединете ги состојките за кората. Во еден плех ставете хартија за печење и малку намастете ја. Плехот е со димензии 35х40 см, така што користете ја истата или некоја слична големина.




Кората излејте ја во плехот и рамномерно распоредете ја. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 160 степени, околу 10-15 минути. Постојано проверувајте ја кората, бидејќи е многу тенка и лесно може да изгори.

Путерот кој ви е потребен за филот потребно е да биде омекнат, отстојан на собна температура. Со виљушка издробете го и додајте го шеќерот во прав. Измешајте ги состојките додека да се соединат, па префрлете ги во кремот кој првично го направивте. Соединете го кремот со миксер.

Кога кората ќе се испече, се дели на 3 еднакви делови. Се реди кора врз кора, со претходно премачкување на кремот. Измеѓу може да ставите сечкани банани или некое друго овошје по ваша желба.

Настрана се мати слатката павлака, па се реди на следниот начин: кора, жолт крем, бел крем, кора, жолт крем, бел крем, кора, па целата се премачкува со жолтиот крем. Тортата се става во фрижидер да се олади минимум 2-3 часа, па потоа целата се премачкува со белиот крем и се декорира со истиот, а може да ставите и чоколадна глазура. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.