Многу вкусни полнети палачинки кои можете да ги правите за појадок, ручек или вечера. Кога стигнавме првпат во хотелот каде што престојувавме, нè пречекаа со ова јадење кое многу ни се допадна бидејќи е богато со фил.

После цел одмор само ова го јадевме наместо гиро, многу е поубаво, па на крајот ја прашав вработената за рецепт и таа ми го објасни. Сега постојано го правам и со сите го споделувам, едноставно е да се направи, а многу е вкусно. Еве кои состојки ви се потребни:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 800 г варени компири, 1 јајце, сол, црн пипер, магдонос, околу 200 грама брашно. ЗА ФИЛОТ СО МЕЛЕНО МЕСО: маслиново масло, 1 главица кромид, 2 чешниња лук, 300 г мелено месо, сол, црн и црвен пипер, чили зачин (опционално), магдонос, неколку парчиња тенок кашкавал, рендан кашкавал.




ПОСТАПКА: Во тавче на рингла, пуштена на ниска температура премачкајте со малку маслиново масло. Настрана исечкајте ситно 1 главица кромид и ставете да се пропржи во маслото. Кромидот се пржи се додека да омекне, да го испушти својот сок.




По омекнувањето, негде при крајот се додаваат 2 чешниња ситно сечкан лук. Потоа се става 300 г мелено месо и се пржи на тивко додека да посиви и да го испушти сокот, па потоа да испари. Зачинете со сол, црн и црвен пипер, а доколку го сакате лутиот вкус можете да додадете и чили.




На крајот, се додава ситно сечкан магдонос, се промешува додека се распореди низ филот, а потоа се трга од рингла. За да го подготвите тестото, сварете 800 г компири, посолете ја водата и кога ќе омекнат, направете пире.




Пирето се зачинува со сол и црн пипер и се додава малку сечкан магдонос. Сите состојки се соединуваат, па постепено се додава брашното и се замесува тесто кое не треба да се лепи под прсти. Отприлика ќе ви биде потребно околу 200 г брашно, но по потреба додавајте повеќе, ако тестото ви се лепи.




Тестото треба да биде мазно и соединето. Кога ќе го замесите, поделете го на два еднакви делови и секој дел развлечете го во круг, со големина отприлика на тавче нелепливо бидејќи тестото се потпекува на рингла.

Во нелепливо тавче премачкајте со малку масло (масло не е потребно за да се испече тестото, единствено дава убава коричка на тестото) и ставете еден дел од тестото. Наредете низ тестото парчиња кашкавал, тенко сечкани, по можност некој растеглив кашкавал.




Одозгора наредете го филот со мелено месо и како за крај наросете со рендан кашкавал по ваш избор. Затворете го филот со втората половина од тестото и покријте го тавчето со капак. Гответе околу 10 минути на ниска температура додека тестото одозола фати коричка.




Потоа превртете го на втората страна и печете го исто време. Послужете со сечење на парчиња како за пица, триаголници или по желба. Се јаде во рекордно време. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.