Мојата денешна сарма е посна, без месо, а со многу праз и кромид, како што некогаш се правела. Едноставна е, се пече во рерна, но многу е вкусна. Еве што ви е потребно според рецептот на Ноне:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:

1 главица кисела зелка
4 главици кромид
2 цели страка праз
3 мали шолји ориз
1 лажичка црвен пипер во прав
1 лажица крупна лута или слатка пиперка
сол, црн пипер, ловоров лист, масло

ПОСТАПКА:

1.

На масло пропржете сечкан кромид и праз, додајте измиен ориз и пржете на средна температура додека оризот да добие стаклен сјај. Посолете, зачинете со црн пипер, мелен сладок пипер и лута пиперка (оние кои не сакаат луто можат да користат слатка).

2.

На дното на садот во кој ќе ја печеме сармата, ставаме малку масло, на дното ставам ситно сечкан средишен дел од зелката и одозгора ги редиме сармите. Поубави се кога се помали, па листовите ги сечкам на помали делови и на секоја сарма ставам по една рамна лажица фил.

Над сармите ставам 2-3 ловорови листови и ставам цели листови зелка за да останат сармите посочни.

Прелијте со топла вода (околу 2 прста над сармите), сипете малку масло, поклопете го садот со капак и ставете го во рерна на 180 степени околу 3,5 до 4 часа. Решетката во рерната се става пониско од средината.

3.

Совет: колку повеќе кромид и праз (па и ако е со месо) толку е повкусно, добро е садот за печење да е повисок за не претекува кога ќе зоврие.

(Денес ја подготвив во земјен сад затоа што има посебен вкус), ако е посно, не штедете на маслото и колку подолго се пече, толку подобро, нормално температурата не треба да е висока, туку умерена, „да крчка на тивко“ како што велиме во Македонија.

4.

Кога ќе ги извадите горните листови, сармите се сочни и во никој случај не се преварени, а кога ќе ги извадите нема воопшто течност, само малку масло (вака можете да проверите на едниот крај од садот, ако не сте сигурни дали сармата е готова).

По желба, на крај можете да ја „попарите“ со запршка од масло и црвен пипер. Како се прави најдобрата сарма со месо, прочитајте ОВДЕ.