И оваа година Тања ни покажа како таа ги чува јагодите свежи преку цела година, а новиот рецепт за кој исто така, има презентација, претставува класичен начин на кој порано нашите баби го конзервирале овошјето за да можат да се насладуваат во него и преку зимските месеци.

Како што многумина на шега знаат да кажат: „Легендата вели дека вака приготвеното овошје може да стои свежо и до две години, но никој тоа со сигурност не може да го потврди. Обично последната тегла се изедува некаде кон средината на зимата, а тегла стара две години може да опстои евентуално ако била скриена и заборавена.




Ќе ви ги претставиме двата рецепти на Тања, ланскиот и овогодинешниот, а се разликуваат во начинот на подготовката и количината на шеќерот. Оваа година таа ги конзервираше јагодите многу слично како што се конзервира и секое друго овошје, со малку шеќер и вода, со пастеризација како компот.

Ланскиот рецепт содржи малку повеќе шеќер кој служи како конзерванс, но плодовите ги чува поцврсти и можат да се користат како замена за слаткото или во разни десерти, бидејќи термички не се обработуваат и соковите целосно се задржани, исто како и бојата. Ќе ви ги претставиме двата рецепти, а вие одберете кој повеќе ви одговара. Еве што ви е потребно:




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 кг јагоди, 2 тегли од 750 мл и 4 супени лажици шеќер (по две за секоја тегла) плус вода по потреба за надополнување на теглите.

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 кг зрели јагоди, 2 кг шеќер и уште малку шеќер за наросување врз јагодите (по три супени лажици по тегла). И за двата рецепти потребно е добро да се измијат јагодите и да им се отстранат петелките, па да се исцедат од водата.

*Ако случајно немате време или нешто ви искрснало дента кога сте ги купиле и сте планиранирале да ги конзервирате, во тој случај не ги мијте, туку такви какви што се наполнете ги во стаклени тегли, затворете ги и оставете ги во фрижидер до употреба. Нема да се расипат најмалку цела недела и ќе бидат како тукушто да сте ги набрале.




ПОСТАПКА за рецепт 1: исцедените јагоди наполнете ги во теглите без да се нагмечуваат. Одозгора сипете по две супени лажици шеќер и налијте вода речиси до врв, да бидат плодовите прекриени, па затворете со нови, стерилизирано капаци.




Едно широко тенџере обложете го на дното со кујнска крпа, ставете ги внатре теглите и залијте внатре вода која треба да им достаига речиси до капаците. тенџерето ставете го на оган и вклучете да се загрева, па од моментот кога ќе зоврие намалете ја малку температурата и оставете да „струи“ во период од половина час.




По изминатото време внимателно извадете ги теглите, покријте ги со пешкир и оставете ги постепено да се оладат до собна температура, па дури потоа складирајте ги во темна и ладна просторија. Деталите погледнете ги ОВДЕ, а следи постапката и за вториот начин:




Измиените и исцедени јагоди наредете ги во едно широко тенџере, внимателно слој, по слој, внимавајќи да не ги нагмечувате и да не ги оштетувате јагодите. Врз јагодите наросите два килограми шеќер (на 1 кг јагоди се става 1 кг шеќер).




Со раката нежно распоредете го шеќерот врз јагодите и така оставете ги во ладна просторија или на собна температура, подалеку од сончеви зраци, да отстојат три до пет часа. Откако ќе измине еден час земете широка решеткаста лажица и внимателно промешајте ги јагодите без да ги оштетите.




Ќе забележите дека јагодите целите ќе бидат налепени со шеќер. Оставете ги вака да отстојат додека шеќерот целосно да се растопи, уште приближно три часа. Мене ми беа потребни пет часа (во зависност од темературата на просторијата).

Кога шеќерот целосно ќе се истопи, ќе останат само јагодите и нивниот течен сируп. Важно е да не се загреваат јагодите, ниту да престојавуваат во многу топла просторија, бидејќи има можност да омекнат, што не би сакале во нашиот случај.




Вака подготвените јагоди се складираат во претходно стерилизирани стаклени тегли (извриени во вода, или стерилизирани во рерна на 100 степени или пак, испрани во машина за садови на повисока температура).

Со кутлачата зафаќајте рамномерно јагоди и сок и внимателно полнете ги теглите додека целосно да ги исполните. Дополнете ја теглата со сок, но не ја преполнувајте до крај (шеќерот е конзерванс, па ќе ги сочува од расипување).




Потоа врз секоја тегла наросете три полни супени лажици шеќер. Вака приготвената тегла затвората ја цврсто со претходно стерилизиран капак (или пребричан со медицински алкоxол). Постапката повторете ја со преостанатите тегли.

Затворените тегли чувајте ги на ладно и темно место со константна температура (подрум, шпајз) до 12 месеци. Јагодите ќе имаат одличен вкус и свежина, кога и да ги отворите. Деталите од постапката прочитајте ги ОВДЕ.