Meсните уштипци ми се повкусни и од обичните бидејќи повеќе нѐ заситуваат, но и имаат уникатен вкус. Смесата се подготвува за 10-тина минути, а потоа се пржат уште малку. Ги послужувам и како прилог на трпезата, а на гостите пред некој ден многу им се допаднаа.
Веднаш ми го побараа рецептот, а јас со задоволство им го дадов. Потребни ви се неколку состојки да ги подготвите, а во продолжение прочитајте го и вториот рецепт за зеленчукови уштипци со вкус на пиперка и кромид, кои се прават со брзина на светлината. Еве што ви е потребно за да ги подготвите:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ – МЕСНИ УШТИПЦИ): 300 г замрзнати пилешки гради, 100 г кашкавал, 300 г компири, 200 г брашно, 2 јајца, 10 г сол, 5 г црн пипер, 70 мл масло за пржење.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ – УШТИПЦИ СО КРОМИД И ПИПЕРКИ): 1 јајце, 200 мл млеко, 200 мл млака вода, 10 г сув квасец, 1 лажичка шеќер, 1 лажичка сол, 540 г брашно, 1 компир, 1 црвена пиперки, 2 зелени пиперки, 1 главица кромид, 2 лажици магдонос, 80 г кашкавал.
ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Белото месо, како и компирот изрендајте го, па измешајте ги во еден сад. Белото месо треба да ви биде претходно замрзнато, за да може лесно да го изрендате, да не ви се залепи на рендето.
Компирите излупете ги, па изрендајте ги, па додајте ги во садот со пилешкото месо. Ставете ги јајцата, па зачинете по вкус со сол, црн пипер и по желба додајте и други зачини по вкус (како лук во гранули, црвена зачинска блага/лута пиперка).
На крајот додајте го брашното и убаво измешајте ги состојките на рака. Смесата поделете ја на 2 еднакви делови, па на набрашнета површина развлечете круг со оклагија, колку повеќе можете.
Исечкајте го кашкавалот на правоаголни парчиња (8), па наредете ги во круг така што кога ќе ги исечете парчињата, како за пица да формирате парче во форма на триаголник и секое да се наполни со кашкавалот. Врз кашкавалот ставете го вториот дел од развлечената смеса. Исечете триаголници и пржете ги во загреано масло.
Триаголниците се пржат 10 минути од едната страна, додека да фатат коричка, а потоа се превртуваат на втората страна и се пржат уште 10 минути под капак. Потоа можете веднаш да ги послужите, додека се уште топли.
ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Во еден сад измешајте ги млекото, водата, шеќерот, јајцето и квасецот. Потоа додајте ги брашното и солта. Замесете фино и меко тесто, кое треба да се остави да нарасне 1 час или додека да се удвои во големина, на некое топло место.
Зеленчукот исечкајте го на ситни парчиња, како и кашкавалот. Вмешајте ги состојките во тестото и уште малку замесете го, додека да се соединат состојките. Префрлете ја смесата во поголем готварски шприц и спуштајте ги уштипците во врело масло.
Пржете ги додека да поруменат, за што ќе биде потребно околу 4-5 минути. Уштипците може да ги кинете со големина по ваша желба. Деталите од целата постапка за првиот рецепт може да ги погледнете во видеото ОВДЕ, а за вториот рецепт ОВДЕ.