Овие палачинки со урда и јогурт/кефир се многу нежни, меки и вкусни. Многу лесно се приготвува тестото, само треба да се следи редоследот на состојките и секому ќе му успее. На овој начин ги приготвувам палачинките веќе подолго време и кај нас е задолжителна закуска.
Единствено нешто на кое треба да се внимава е количината на додадената вода, во зависност од тоа каква урда или сирење ќе користите. Некоја урда е посува, а некоја е повлажна, а исто така и брашното знае да се разликува, па затоа водата постепено додавајте ја до посакуваната густина. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г урда, 2 јајца, 1/2 мала лажичка сол, 1 супена лажица шеќер, 300 мл јогурт или кефир, 250 г брашно, 1 лажичка ванилин шеќер, 300-350 мл топла вода, 1 мала лажичка прашок за печиво (1/2 кесичка), 4-5 супени лажици масло.
ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете ја урдата или ситното сирење (300 г), па додајте 2 јајца, половина лажичка сол, лажица шеќер, па со рачен миксер изблендирајте ја убаво целата смеса додека да добиете мазна структура без грутчиња.
Дури кога ќе се осигурате дека смесата е убаво мазна, додајте 300 мл кефир и промешајте со жица-маталка за да се изедначи. Потоа додајте 250 г брашно и 1 лажичка ванилин шеќер (1/2 кесичка) и 1 лажичка прашок за печиво (1/2 кесичка).
Промешајте со маталката додека брашното да ја впие течноста и да се изедначи смесата, па додека непрекинато матите започнете постепено да додавате топла вода. Потребно е да добиете смеса која според густината е слична на онаа од обичните палачинки.
На крај додајте 4-5 супени лажици масло, па уште малку изматете додека и тоа да се инкорпорира во тестото. Не мора да го оставате тестото да одмора, може веднаш да започнете со пржење на палачинките.
Тавата за палачинки со салветка малку пребришете ја со масло, загрејте ја на умерена температура, па пржете ги палачинките на вообичаен начин од двете страни додека да добијат убава златна боја.
Јас ги сечам на половина и ги виткам во ролнички. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.