Турскиот леб е најмекото печиво кое не може да го најдете во продавница и е нешто што мора некогаш да го пробате. Штом еднаш го направите, ќе стане вашиот неделен ритуал за подготовка. Постарите домаќинки го знаат рецептот напамет, но секогаш е добро да се потсетиме на него.




Рецептот на Алена е совршен бидејќи детално ја опишува постапката. Кога го пробав овој рецепт, веднаш знаев дека повеќе нема да испробувам ниеден друг. Еве кои состојки ви се потребни за почеток:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 мала лажица шеќер, 400 мл млака вода (2 чаши), 10 г сув квасец, 4 чаши брашно (800 г), 1 мала лажичка сол, 20 мл ладна вода, 50 мл зовриена вода, 1 жолчка и брашно по потреба за замесување на тестото.




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад за замесување на тесто ставете 1 мала лажичка шеќер и прелијте со 1 чаша вода од 200 мл. Измешајте со жица или маталка додека шеќерот да почне да се растопува во смесата, па додајте 10 г сув квасец и повторно промешајте до соединување на состојките.




Веднаш потоа, во смесата истресете 1 чаша брашно и добро измешајте додека да почне да се формира густа смеса која нема да има грутчиња. Покријте го садот со стреч фолија и оставете да отстои 15-20 минути, додека квасецот да се активира.




По изминатото време, излејте уште 1 чаша млака вода и добро промешајте. Постепено се започнува со додавање на уште 3 чаши брашно (600 г), па се додава и 1 мала лажичка сол. Нежно мешајте го тестото додека да стане компактно. Овој начин на градиентно додавање на намирниците овозможува тестото да стане хомогено и не бара долго месење при префрлање на рамна површина.




Замесеното тесто покријте го со пластичен капак или стреч фолија и оставете да се удвои на топло место. Јас вкупно го оставив да стасува околу 90 минути. По изминатото време, тестото префрлете го на добро набрашнета површина и замесете го на кратко со рака.




Тестото е потребно да го месите од нанадвор кон навнатре како што е прикажано подолу на видеото. Тестото пополека ќе започне да станува компкатно и да не се лепи, а по потреба додавајте повеќе брашно. Замесеното тесто се дели на два еднакви делови и секој дел се формира во топче со малку брашно, па потоа елипсовидно.

Потоа, секое тесто се развлекува со прсти, а притоа задржувајќи ја елипсовидната форма, нешто слично на пастрмајлија. Разлечете ги двете теста на истиот начин, колку повеќе можете. Вака подготвените теста се ставаат на плех, обложен со хартија за печење, а помеѓу нив малку се подигнува хартијата за да не се залепат.

За премачкување: 1 лажица брашно се меша со 20 мл ладна вода, потоа се доддава 50 мл зовриена вода и се продолжува со константно мешање додека смесата да стане потечна. Додајте 1 жолчка и повторно соединете. Вака подготвената смеса се премачкува врз двете развлечени теста, со помош на четкичка.

На крајот, останува да направите шематски вдлабнатини во тестото. Прво на краевите со помош на прстите вдлабнувајте во тестото, а потоа по средината, прво дијагонално, па вертикално (како во видеото). Потоа повторно се премачкува со смесата со жолчка, па се наросува со семки по желба (црн и бел сусам, ким…). Лебовите се печат во претходно загреана рерна на 250 степени, 15 минути.

Најдобро е плехот да го ставите на горната решетка, а одоздола да има едно зовриено тенџере со вода. На овој начин, лебовите добиваат на мекост и се превкусни. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.