На многу лесен и едноставен начин подгответе лисната погача со месо или како што некои ја нарекуваат „Турска лисната погача”, па ќе се уверите во нејзиниот одличен вкус. Мека е како памук и секој што ја пробал, не се задржал на само едно парче. Поради нејзиниот посебен вкус и мекост повторно ќе ја правите. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг брашно, 800 мл млака вода, 1 лажица шеќер, 1 лажица сув квасец (10 г), 1 неполна лажица сол, 100 мл масло. За фил: 500 г мелено месо, 2 главици кромид, 1 лажичка сол, црн пипер по вкус, 3 лажици масло. Се користи плех 25х32 см и се пече на 200 степени, 30 минути.
ПОСТАПКА: Во еден помал сад сипете малку млака вода, додајте една лажица сув квасец и една лажица шеќер. Промешајте за да се растопат состојките и оставете 10-тина минути на топло за да се активира квасецот.
Во килограм брашно (најдобро е да биде просеано) додајте неполна лажица сол, па направете мало вдлабнување во средината и тука сипете 100 мл масло, малку промешајте и додајте го активираниот квасец кој треба да е запенет.
Потоа започнете со постепено додавање на млака вода додека замесувате со рака. Треба да добиете изедначено, хомогено, помеко тесто од вообичаено, кое се лепи за рака. Заедно со водата од квасецот и водата со која замесував, мене ми беа потребни 800 мл.
Вака замесеното тесто покријте го со кеса, фолија или капак и оставете го во топла просторија без провев, да стасува еден час или додека убаво да го удвои својот волумен. Додека тестото ферментира, вие пригответе го филот.
Пригответе го месото: Ситно сечкан кромид запржете го на загреано масло (3 лажици) додека да омекне, па додајте го меленото месо. Зачинете со сол и црн пипер и динстајте приближно 15 минути на умерена температура додека месото да ја промени бојата и да испари течноста.
Стасаното тесто истресете го врз намастена работна површина. Со намастени дланки развлечете го тестото, па преку целата кора рамномерно распоредете го филот од месо. Потоа тестото свиткајте го во ролат и префрлете го во плех (25х32 см) обложен со хартија.
Рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени, а за тоа време оставете ја погачата да одмори уште 15 минути и малку да го зголеми волуменот. Со намастени прсти од рацете формирајте коцки во погачата. Одозгора премачкајте ја со масло и по желба наросете сусам, ленено семе или други семки.
Ставете да се пече во загреаната рерна на 200 степени околу половина час или додека да зарумени. Печената погача покријте ја со крпа и почекајте неколку минути малку да омекне и да подизлади. Деталите можете да ги погледнете ОВДЕ.