Рецептот е едноставен и лесен, па можете да го приготвувате секој ден, за појадок, ручек или вечера. Се добива прекрасна, мека како памук погача со богат мирис и вкус. Следете ги сите потребни чекори, а крајниот резултат ќе ве воодушеви.




Коментар на Јасмина: Ја правам секоја година за Божиќ по вашиот рецепт и секојпат ми излегува многу убаво. Затоа ги охрабрувам домаќинките да си ја направат, бидејќи нема да зажалат. Рецептот успева секогаш, па дури и за оние кои досега не меселе. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 40 г свеж квасец, 300 мл млеко, 1 голема лажица шеќер, 1 кг брашно, 50 мл масло, 1 јајце, 200 мл вода, 1 мала лажица сол, 125 г маргарин или путер. Состојките кои се чуваат во фрижидер како квасец, млеко, маргарин/путер, јајце треба да бидат на собна температура.




ПОСТАПКА: Во еден помал, подлабок сад ставете го млакото млеко. Во него издробете го свежиот квасец и додајте го шеќерот. Измешајте ги состојките со лажица и оставете квасецот да се активира, неколку минути. Ќе забележите дека по некое време, квасецот ќе почне да набубрува.




Во друг подлабок сад ставете го брашното (800 г), па излејте го млекото со квасецот. Измешајте ги состојките, па постепено започнете да ја додавате водата, па маслото и на крај посолете. Измешајте ги состојките додека да почнат да се соединуваат.




Кога ќе почне да се формира густо тесто како за уштипци, додајте уште малку брашно, колку што е потребно, додека да добиете компактно тесто кое не се лепи под прсти. Замесете го да биде мазно, но не го месете премногу зашто треба да остане меко и воздушесто однатре, доволно е само колку да се соедини.




Месењето треба да се одвива со превртување на краевите кон средината. Приближно ќе ви бидат потребни уште 200 грама брашно, но додавајте ги постепено. Префрлете го тестото на набрашнета работна површина и домесете го додека да престане да се лепи. Тестото излегува навистина големо и волуменесто.




За да не ви се лепи тестото одозгора со дланките спуштајте го накај внатрешноста. Кога ќе го замесите тестото, вратете го во садот каде што го замесивте, претходно наросен со брашно и ставете го покријте со крпа да одмора додека да нарасне, 30-тина минути, на топло место.

Потоа, повторно вратете го тестото на набрашнета работна површина, па и него набрашнете го за да не се лепи. Наросете го од сите страни и почнете со развлекување со помош на оклагија. Малку растегнете го тестото со прстите, а потоа рамномерно од сите страни повлекувајте со оклагија. Тестото треба да има дебелина од 1 прст.

Од него вадете кругчиња, како за крофнички, со помош на чаша. Големината на круговите одредете ја сами. Извадете додека да го потрошите целото тесто. Земете едно поголемо тенџере со високи ѕидови со кружна форма (без пласрични елементи на него) и премачкајте го со растопен путер или маргарин на дното и од страните.

Обликувајте едно топче од кругчето тесто, па ставете го на дното од тенџерето. Потоа одозгора потпрете со едно кругче, кое претходно го извадивте со чаша. Премачкајте со маргарин обилно. Следното кругче се става на 2/3 врз првото и повторно се премачкува со маргарин и така се реди додека да се исполни првиот, најголем ред од тенџерето.

Во средината направете исто, како и претходно, со тоа што одоздола ќе ставите едно топче од тестото кое има улога на држач. Кога ќе исполните уште еден помал ред, на средина ставете едно топче. Одозгора премачкајте со маргарин. Погачата се остава да стасува уште 15-тина минути под крпа.

Пред да ја ставите на печење, погачата премачкајте ја со едно јајце и пикнете ја во претходно загреана рерна на 200 степени. Се пече приближно 35 минути. Повремено проверувајте ја, а по печењето оставете малку да се излади, па потоа послужете ја. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.