Црната рибизла е многу здрава бобинка. Покрај тоа што помага за нормализирање на крвниот притисок, успешно лекува и тешки инфекции, а пред се’ воспаление на белите дробови. Еве од кои причини е полезно да се консумира рибизлата и тоа во големи количини.

Плодот на црната рибизла има голема хранлива, терапевтска и технолошка вредност, а исто така, содржи витамин Ц во големи количини, како и антоцијанини.

ЧАЈ ОД ЛИСТ ОД ЦРНА РИБИЗЛА за крвен притисок

Полна супена лажица сув лист црна рибизла прелијте со 200 мл зовриена вода, промешајте, поклопете и оставете да отстои 15 минути. Процедете и испијте го чајот незасладен. Чајот се пие трипати дневно, секогаш свежо приготвен, помеѓу оброците.

КАПКИ ПРОТИВ АЛЕРГИЈА

50 г корен од лопух (Petasites hybridus)од Билна аптека
50 г лист од црна рибизла (Ribes nigrum)

Билките се мешаат, па се прелеваат со половина литар силна ракија од слива. Се затвора, се протресува и се остава да стои на топло и темно место две седмици. Се процедува низ стерилна газа и се чува во добро затворено стаклено шише. Се пие по една чајна лажичка трипати дневно во шолја чај од тегавец.

НАПИТОК ЗА ЈАКНЕЊЕ НА ОРГАНИЗМОТ

200 мл сок од рибизла
100 мл сок од јаболко
200 мл сок од брусница
1 ванилин шеќер
150 мл вода

Се мешаат состојките, а напитокот се пие наутро на гладно.

МАРМАЛАДА ОД РИБИЗЛА

1 кг црна или црвена рибизла
400 -500 г шеќер (400 за црвена, 500 за црна)
2 лимона, само сок
2 јаболка непрскани

Се мијат бобинките и се прелеваат со лимонов сок, па се остава најмалку два часа да отстои или најдобро преку ноќ. Потоа се става на оган и се готви 15 минути, по што се трга и се пасира. Повторно ставете на оган, додадете шеќер и неизлупени јаболка исечени на ситни коцки. Гответе со постојано мешање додека да згусне. Мармаладот се складира во стерилизирани тегли и се затвора. Теглите се виткаат во ќебе за полека да изладат.

ВИНСКА ТИНКТУРА ЗА ЈАКНЕЊЕ НА ОРГАНИЗМОТ

500 г црна рибизла
1 литар домашно црно вино

Изгмечените бобинки се прелеваат со вино и се оставаат на сонце 8 дена со повремено протресување. Се процедува низ газа и се консумира по 2-3 ракиени чашки дневно. Се чува на темно и ладно место.

СИРУП ОД ЦРВЕНА РИБИЗЛА

1 кг рибизла
400 мл вода
10 г лимонска киселина
500 г шеќер
2 ванилин шеќер

Рибизлите се прелеваат со вода и се додава лимонската киселина. Се загрева до вриење, а потоа се варат додека бобинките да испукаат. Потоа се пасираат. Додадете шеќер, ванилин шеќер и варете толку долго додека шеќерот да се растопи. Врелиот сок се складира во врели стаклени шишиња. Се послужува разладено со вода.

ЛЕКОВИТОСТ НА РИБИЗЛАТА

Бобинките имаат киселкасто сладок освежителен вкус, исклучително се сочни и тие се најлековитиот дел од билката. Имаат многу специфичен мирис.

Рибизлите содржат и доста шеќери, белковини, минерални супстанции и танини. Плодот се користи за јадење во свежа состојба, а покрај тоа служи за правење на сокови, џемови, желеа, мармалади и сирупи.

Во фармацевтската индустрија се користат и плодот и листот на рибизлата, особено на црната. Се користи за нормализирање на крвниот притисок, но и за подобрување на крвната слика кај анемија.

Утврдено е дека сокот од црна рибизла помага при лекувањето на крвавење од непца и проширени вени, како и дека помага за подобрување на когнитивните способности и концентрацијата.

Црната рибизла спречува и лекува тешки инфекции, а пред се воспаление на бели дробови. Плодовите и сокот на оваа билка се многу корисни во случај на бубрежни болести, грчеви и болки на дигестивните органи.

Се препорачува за јакнење и чистење на крвта. Чајот од црна рибизла поволно влијае врз работата на бубрезите и ги ублажува тегобите предизвикани од реума и гихт.

Листопадната грмушка од црна рибизла (Ribes nigrum) може да порасне и до висина од 1,5 метри и се одгледува првенствено поради вкусните, црни плодови преполни со витамин Ц и антоцијаните кои им ја даваат бојата. Комбинацијата од овие две супстанции им помага на лицата кои имаат чувствителни капилари склони на прскање и проширени вени. Рибизлите им се препорачуваат и на лицата кои патат од инсулин независна шеќерна болест.

Семките во плодот содржат масло богато со гама-линоленска киселина која делува силно противвоспалително. Токму затоа маслото од црна рибизла им се препорачува на лица кои патат од псоријаза. Доктор Ендрју Вејл, голем познавач на лековитоста на билките, тврди дека маслото од семки од рибизла може да помогне и кај лица со мултипла склароза.

Препоачана доза е 500 мг масло двапати дневно, а терапијата би требало да трае најмалку 10 денови.

ЛИСТ ОД ЦРНА РИБИЗЛА

Листот од црна рибизла е многу малку познат, а многу ефикасен растителен лек за лекување на ревматизам, а особено за ревматоиден артритис.

Се покажало дека листот од оваа билка делува одлично на сите тегоби кои се јавуваат од претерана, неконтролирана и неадекватна реакција на имуниот систем, па затоа чајот, тинктурата и екстрактот од оваа билка се препорачуваат кај алергиски тегоби (особено кај алергиски ринитис).

Листот од рибизла содржи, покрај флавоноиди и танини, што е особено значајно за лица со Кронова болест или хронично воспаление на дебелото црево.

Маслото и листот од црна рибизла не треба да се користи доколку истовремено се користат кортикостероиди, но може да се комбинираат со нестероидни противвоспалителни лекови.

Црната рибизла лекува и разни инфекции (особено на уринарниот тракт), а јапонските научници утврдиле дека плодот и маслото на црната рибизла имаат силно антивирусно дејство, првенствено кај грипот.

Благодарение на танините се користи и како ефикасно средство против дијареа (особено во комбинација со лист од малина и дива капина).

Ако сакате да го намалите внесот на кофеински напитоци (кафе или чај), растителниот чај од црна рибизла е одлична замена бидејќи делува малку стимулативно.

Секако, кога користите лист од црна рибизла за приготвување на чај или тинктура, мора да бидете сигурни дека претходно билката не била прскана со пестициди.

Според бојата на плодовите се разликуваат бела, црвена и црна рибизла. Со бојата на бобинките се менува вкусот, но не и лековитоста.

БЕЛА РИБИЗЛА

Белата рибизла е најслатка, но и најмалку лековита. Според количината на лековитите материи значително заостанува зад црвената и црната рибизла.

ЦРВЕНА РИБИЗЛА

Во нашите краишта најчесто се одгледува црвената рибизла, со освежителен киселкасто-слаткаст вкус, одлична за приготвување на џемови, сокови, вино, мармалади, желеа..

Во природната медицина се користи за јакнење на имунитетот, за прочистување на организмот од штетни материи, како и за подобрување на здравјето на кожата и косата.

Црвената рибизла е богата со витамин Ц, витамин Б комплекс, како и витамини А и К. Од минерали содржи калиум, железо, калциум, фосфор и магнезиум.

Црвената рибизла се препорачува за срце и урамнотежување на крвниот притисок. Бобинките се добар диуретик, отстранува урична киселина и го олеснува гихтот и реумата, како и лаксатив.

ЦРНА РИБИЗЛА

Има најтежок вкус, но затоа пак е најлековита. Содржи најмногу витамин Ц и најмногу антоцијанин. Истражувањата покажале дека црната рибизла го спречува растот на канцерогените клетки во организмот.