Сите што го пробаа колачот веднаш ми побараа рецепт. Ова е копија на „Снежната кралица“, но во чоколадна верзија и излезе совршено. Со мала измена на оригиналниот рецепт произлезе неодоливата Чоколадна кралица за која сите рекоа дека поубав колач одамна не јаделе. Запишете си го рецептот и направете го, нема да се покаете. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за темен бисквит: 5 белки, 6 супени лажици шеќер, 4 лажици масло, 4 лажици меко брашно, 2 лажици какао, 1/2 кесичка прашок за печиво (5 г), 5 лажици млеко за натопување на печениот бисквит
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за крем: 5 жолчки, 110 г шеќер, 3 кесички ванилин шеќер (30 г), 4 супени лажици скроб/нишесте/ густин, 500 мл млеко, 220 г путер, 100 г чоколадо за готвење, 50 г темно чоколадо за готвење 70 % какао.
И уште: 200 г бисквити, млеко за натопување на бисквитите, 4 супени лажици џем од аронија (или по ваш избор), 1 кесичка шлаг крем од чоколадо, 2 кесички шлаг пена од ванила, чоколадни трошки за декорација
ПОСТАПКА: Пенасто изматете ги белките, па започнете постепено да го додавате шеќерот и матете додека тој целосно да се растопи. Во цврстиот шам додајте го маслото во тенок млаз и продолжете со миксањето додека да се инкорпорира.
Потоа полека додајте го просеаното брашно помешано со прашок за печиво и какао, но повеќе не мешате со миксер, туку со лажица. Мешајте бавно со лесни движења додека да се изедначи смесата, а сепак да остане пенлива.
Истресете ја во плех 21х36 см (претходно намастен и набрашнет), па со лажица рамномерно распоредете ја и израмнете ја површината. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 175 степени, 15-тина минути, па извадете да се подизлади.
Кога бисквитот ќе биде млак, полека натопете го малку топло млеко. За полесно и побрзо да го впие млекото, избоцкајте го со дрвена чепкалка на неколку места. Оставете го настрана целосно да се олади до филувањето.
За крем: жолчките, густинот и малку млеко измиксајте ги додека да добиете изедначена смеса, а остатокот од млекото со шеќерот ставете ги на оган. Штом зоврие, потргнете го тенџерето настрана и намалете ја температурата, па во тенок млаз додајте ги изматените жолчки со непрекинато матење.
Вратете го тенџерето на оган и варете додека да згусне. Потоа додајте го путерот исечен на листови и мешајте додека да се растопи и соедини. Нека не ве загрижува што во прв момент нема целосно да се впие во кремот, но кога ќе се олади, сето убаво ќе се поврзе.
Потоа додајте го чоколадото искршено на коцки и повторно мешајте за и тоа да се растопи и соедини во филот. Сипете го кремот во друг сад, покријте го со проѕирна фолија за да не фаќа коричка (или повремено мешајте го) и оставете го целосно да се олади.
Изматете го шлаг кремот од чоколадо со малку помалку млеко од што пишува во упатството, за да биде погуст. Во посебен сад, на ист начин изматете ја шлаг пената. РЕДЕЊЕ: бисквит, половина смеса од чоколадниот крем, бисквити кратко натопени во млеко и наредени збиено врз кремот.
Врз бисквитите премачкјате 4 лажици џем од аронија (претходно малку промешајте го за да омекне и полесно да се размачкува. Врз џемот рамномерно распоредете го остатокот од чоколадниот крем. Одозгора премачкјате го чоколадниот шлаг крем, па на крај шлаг пената.
Јас наполнив готварски шприц за декорирање, па ставав наизменично чоколадна и бела пена за да излезе шарено. Торатата оладете ја неколку часа во фрижидер, но најдобро е да ја направите еден ден порано и да отстои преку цела ноќ. Рецепт на Сања / Сооlinarika.сom