Поздрав драги пријатели и почитувани домаќинки и домаќини. Денес ќе ви презентирам рецепт за подготовка на најсочните ребра. Целата тајна всушност е во маринадата и начинот на печење. Верувам дека ќе ви се допадне и дека на вашата празнична трпеза ќе заземе важно место. А дека со сласт ќе го изедете, во тоа сум сигурна – Валентина.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: Свински ребра со месниот, стомачен дел (моето парче има 3,5 кг). За прва маринада: 10 чешниња лук, 3-4 лажички кујнска сол, црн пипер, рузмарин, 50 мл масло. За втора маринада: 150 г густ доматен сос, 1 лажица масло, 2 лажици соја сос, 1 лажица балсамико оцет, црн пипер
ПОСТАПКА: Од месото исцедете го вишокот вода, така што ќе го натапкате со хартиена, кујнска салфетка која ќе ја апсорбира влажноста. Од парчето отстранете ги жиличките и вишокот масни делови. Со остар нож направете резови во правец на ребрата за подоцна полесно да се сече, но и подобро да ги впие зачините.
Подгответе ја првата маринада: во аван измешајте лук, сол, црн пипер и малку рузмарин, додајте малку масло и направете убава паста. Со оваа смеса од лук и зачини убаво премачкајте го месото одозгора и внатре во резовите.
Откако ќе го премачкате месото од двете страни, со помош на остар нож засечете ги ребрата и одвојте ги од месото, па зачинете го со истата маринада и од внатрешната страна. на тој начин целото месо ќе ги впие убавите ароми.
Вака подготвеното месо е спремно за пакување. Завиткајте го во проѕирна фолија за печење (не стреч, туку за печење), а потоа завиткајте го и во алуминиумска фолија и оставете го да отстои во фрижидер најмалку 5-6 часа, а најдобро би било да преноќи.
Кога станува збор за подготовка на вакво свечено месо, нема брзање, ако сакате да излезе совршено. Откако ќе отстои месото може да се стави на печење во загреана рерна на 180 степени, околу 1 час и 30 минути.
Потоа подгответе ја втората маринада: во еден сад ставете 150 г густ доматен сос (или салца), 1 лажица масло, 2 лажици соја сос, една лажица малсамико оцет и црн пипер по вкус. Месото со ребра извадете го од фолијата и премачкјате го внимателно со втората маринада.
Го враќате на печење на следниов начин: едната страна ја премачкувате и го печете 20-25 минути, па потоа го превртувате на другата страна и го печете уште 20-25 минути, цело време на 180 степени.
Кога ќе го ставате месото во плех да се пече (со втората маринада), најдобро е плехот да биде обложен со хартија или да ставите малку вода за да не ви запече. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видео презентацијата на Валентина Машковиќ ОВДЕ.