Полека започнуваат подготовките на зимниците, па време е да ги обновиме омилените рецепти, но да испробаме и нови. За читателите на НМД.мк одбравме неколку рецепти за царска салата, со и без конзерванс, разгледајте ги, сите се одлични и одберете си која најмногу ви одговара.
РЕЦЕПТ 1 ЦАРСКА САЛАТА со пиперки, моркови и карфиол – Потребни состојки: 4 кг пиперки, 3 кг моркови, 3 кг карфиол. Зачини: магдонос и лук по вкус. За саламура: 500 мл масло, 1 литар оцет (алкохолна киселина), 300 г сол, 300 г шеќер и 10 г салицил
Постапка: Зеленукот се сечка и се става во големо широко тенџере. Се остава еден ден покриено. Следниот ден се полнат теглите, се притиска зеленчукот, помеѓу се става сечкан магдонос и сечкано лукче, се додава и решеткаст потисок, се долева со течност и се затвора.
РЕЦЕПТ 2 ЦАРСКА САЛАТА СО КРАТКО ОБАРЕН ЗЕЛЕНЧУК – Потребни состојки: 1 кг пиперки, 1 главица карфиол, 1,5 кг морков, 3-4 главици лук, целер лист, 30-40 г есенција на 1 литар вода, 70-100 г сол, 150-200 г шеќер, 20 г црн пипер во зрно, 4 ловорови листови
Постапка: Водата, есенцијата, солта, шеќерот, црниот пипер и ловоровиот лист се варат. Зеленчукот се сечка. Во таа течност се вари пиперката 3 минути. Времето за варење мора да се почитува! Се вади, па се става карфиол да се вари 5 минути, а на крај морковот се вари 10 минути.
Се остава преку ноќ сето да излади. Следниот ден се чисти лукот, се мие целерот па се реди: ред карфиол, ред пиперка, ред морков, ред лук, а помеѓу лист од целер. Наполнетата тегла се прелива со течноста, а одозгора се прелива со лажица маслиново масло.
РЕЦЕПТ 3 ЦАРСКА САЛАТА: Кога нешто успешно правиш неколку години по ред и секојпат излегува одлично – е тогаш заслужува и јавно да се објави.
Потребни состојки: 2 кг корнишони, 2 кг карфиол, 2 кг моркови, 2 кг зелка, 2 кг пиперки црвени, за ајвар. За саламура: 500 г шеќер, 1 литар оцет, 500 мл масло, 300 г, сол, 1 конзерванс и 1 пакетче црн пипер во зрно
Постапка: Приготвуваме големо тенџере (јас го користам истото во кое правам ајвар), зеленчукот убаво се мие, потоа се сечка, се става во тенџерето и се полива со саламурата. Сите состојки се мешаат во саламурата.
Вака се остава да отстои покриено 24 часа со повремено промешување. После 24 часа се полнат теглите, зеленчукот се притиска се до 1 прст до работ на теглата. Кога се полни теглите се полеваат со саламурата. Теглите се затвораат и царската салата е готова.
РЕЦЕПТ 4 ЦАРСКА САЛАТА БЕЗ КОНЗЕРВАНС – Потребни состојки: 5 кг пиперки, гамби, 1,5 кг морков, 2 кг карфиол, 250 г сол, 400 г шеќер. За саламура: 1,5 литар алкохолна киселина (бел оцет 9%) и 500 мл масло. Постапка: Зеленчукот исечкајте го крупно или ситно, по желба. Одозгора ставете сол и шеќер, па оставете 24 часа покриено со салветка.
Следниот ден течноста што се пуштила исцедете ја во тенџерето со 1,5 литар алкохолна киселина (бел оцет) и 500 мл масло, па заедно ставете на оган да се свари. Кога ќе проврие прелијте ја течноста преку сечканиот зеленчук и оставете уште 24 часа покриено. Следниот ден полнете ги теглите и добро затворете.