Традиционален рецепт кој се подготвува за големите празници. Многу вкусно и мирисно лепче кое прави прекрасна арома која се шири низ целата куќа. Ние го сакаме да го јадеме, па затоа често го правам, а дечињата го јадат со млеко.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг брашно тип 400, 1 коцка свеж квасец, 5 јајца, 1 мал филџан масло, 200 г шеќер, 300 мл топло млеко. И УШТЕ: 150 г суво грозје, 100 г кандирана кора од лимон или портокал, а ако немате може и рендана кора, 1 јајце за премачкување.
ПОСТАПКА: Прво ставете го квасецот да се активира како што тоа вообичаено го правите. Замесете меко тесто од брашно, додајте шеќер, помешајте ги јајцата со топлото млеко, па додајте ги во брашното, квасецот и на крајот маслото.
Сето добро замесете го и оставете да се удвои. Имајте во предвид дека на тестата со јајца малку повеќе им е потребно време за да стасаат, па затоа оставете убаво да нарасне. Потоа тестото премесете го и 20 пати удре-те го на работната површина.
Тестото поделете го на 9 еднакви делови од кои ќе формирате топче. Од секое топче развлечете правоаголник со оклагија, наросете го со суво грозје и кандирана кора од лимон и портокал, а можете и да го премачкате и со џем од сливи. Свиткајте го како ролат.
Од три вакви ролати сплетете плетенка. Ќе добиете три плетенки кои ќе ги наредите во големиот плех обложен со хартија за печење. Одозгора премачкајте ги со јајце, оставете ги уште малку да нараснат па печете ги на 200 степени, околу 50-60 минути, а кога ќе фатат боја одозгора покријте ги со хартија и намалете на 150 степени и допечете.
Плетенките можете посебно да ги печете или да ги споите во круг со дупка во средината. Има уште варијанта со помалку јајца, каде оди нешто повеќе од 1 кг брашно, 3 јајца, 1 свеж квасец, 125 г маргарин, 250 г шеќер и 500 мл млеко, а за премачкување само џем и за одозгора јајце па наросено со сусам. Постапката е иста. Може да наросите и листови од бадем.
Прочитајте го и следниов рецепт за колач со суво овошје. Брз и лесен рецепт. Колачот има неодолив вкус, а додека се пече целата куќа ви мириса прекрасно. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: Се користи шолја од 200 мл, 3 јајца, 1 ванилин шеќер, 1 прашок за печиво, 2 шолји шеќер, 1 шолја млеко, 1 шолја путер.
И УШТЕ: 3 шолји брашно, 1 лажица цимет, 400 г суво овошје по избор, 1 лимон, 1 портокал, 100 г чоколадо (може и без, доколку не сакате), цимет за наросување одозгора. ПОСТАПКА: 3 белки со миксер изматете ги во цврст снег, потоа една по една додавајте ги жолчките и продолжете со матење.
Потоа постепено додавајте ги останатите состојки: ванилин шеќер, кристален шеќер, прашок за печиво, млеко, путер, брашно и супена лажица цимет, а потоа смесата полека доматете ја со миксер убаво да се соедини.
Додајте ситно сечкано суво овошје по желба (брусница, суво грозје, сува кајсија, ореви, лешници, суви смокви, урми, сув ананас…) Изрендајте кора од лимон, портокал и 100 г чоколадо, измешајте со лажица и излејте во намастен и набрашнет плех или калап за куглоф.
Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 50-55 минути (во зависност од јачината на рерната). Печениот колач превртете го на даска или чинија и додека е врел наросете го со цимет.