Традиционална баница со праз, спанаќ, јајца и сирење
Баницата е неизоставен дел од македонската кујна, а оваа варијанта со праз и спанаќ нуди совршен спој на свежи вкусови и крцкава текстура.
Подгответе ја оваа вкусна баница според рецептот Иваина Николова, за семејни собири или уживајте во неа како срдечен оброк во секој дел од денот.
Со лесна подготовка и достапни состојки, ова јадење ќе ги воодушеви сите љубители на домашната храна, пишува НМД. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:
– 500 г готови кори за баница
– 4 јајца
– 200 мл газирана вода или кисело млеко
– 1 лажичка сода бикарбона или прашок за печиво
– 100-200 г сирење (по избор, урда или фета)
– 100-200 г праз (исчистен и ситно исечкан)
– 100-200 г спанаќ (исчистен и ситно исечкан)
– 2 лажици масло (за пржење на празот и спанаќот)
– 1/2 лажичка сол
– 1/2 лажичка црвен пипер во прав
И уште:
– 100 мл растопен путер или масло (или комбинација од двете)
– 100 мл газирана вода (за попрскување)
ПОСТАПКА:
1. Подготовка на филот: Во тава на средна температура загрејте 2 лажици масло.
Додајте го исечканиот праз и спанаќ, посолете и зачинете со црвен пипер во прав. Пржете 5-7 минути додека зеленчукот омекне. Оставете ја смесата да се излади.
2. Подготовка на смесата со јајца: Во длабок сад изматете ги јајцата. Додајте ја газираната вода (или киселото млеко), содата бикарбона и ситното сирење.
Промешајте добро. Во оваа смеса додајте го изладениот праз и спанаќ, па измешајте додека сите состојки се соединат.
3. Слагење на баницата: Загрејте ја рерната на 180°C. Земете плех за печење и намачкајте го со малку путер или масло.
Одделете една кора, премачкајте ја со растопен путер или масло и рамномерно распоредете дел од смесата со јајца и зеленчук по целата површина.
Завиткајте ја кората во ролат и поставете ја во плехот. Повторете го процесот со останатите кори, редeјќи ги ролатите во плехот.
4. Завршна подготовка: Откако ќе ги наредите сите ролати, прелијте ја баницата со преостанатата смеса од јајца и зеленчук.
Одозгора рамномерно распоредете (коцки или) растопен путер или прелијте со масло, а потоа попрскајте со 100 мл газирана вода за дополнителна сочност.
5. Печење: Печете ја баницата во загреана рерна на 180°C околу 30-35 минути или додека добие златно-кафеава боја и крцкава текстура.
6. Сервирање: Оставете ја баницата малку да се излади пред сечење. Послужете ја топла, по желба со кисело млеко или свежа салата.
Уживајте во овој традиционален македонски специјалитет и споделете го вкусот со вашите најблиски! Рецепт и фотографија: Иваина Николова