Овие крофни кои мајка ми ги нарекува „тостерки“ поради тоа што се сплескани и имаат резови како од тостер се едни од најдобрите што сум ги вкусила.
Ги правам постојано бидејќи не одземаат многу време за подготовка. Најчесто домаќинките избегнуваат да месат леб и печива поради долгиот процес на чекање и развлекување на тестото.
За овие „тостерки“ не ви е потребна оклагија, доволно е само да ги обликувате и сплескате со помош на дланките. Може да ги правите благи или солени, јас ги сакам благи, а дечињата ги премачкуваат со чоколаден крем одозгора.
Еве што ви е потребно за овие печива-тостерки:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 230 мл млако млеко, 1,5 лажица шеќер, 8 г сув квасец (нешто помалку од цела лажица), 1 јајце, 1 кесичка ванилин шеќер, 1/2 лажичка сол, околу 360 г брашно, масло за пржење и шеќер во прав за декорација.
ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад сипете го млакото млеко (да не биде зовриено) и во него додајте 1,5 лажица шеќер. Малку промешајте, па додајте 8 г сув квасец и соединете со жица/маталка.
Оставете го квасецот да се активира, околу 5 минути, па додајте го јајцето, кое треба да биде на собна температура. Измешајте го јајцето во млекото, па додајте 1 кесичка ванилин шеќер, 1/2 лажица сол и на крајот додајте го брашното на три или четирипати, со лесно промешување.
При додавање на брашното, мешајте ја смесата со маталката, а кога ќе почне да се згуснува и да се лепи за неа, преминете на месење со раце. Замесете компактно и меко тесто кое треба да биде нелепливо под прсти. Тестото се меси сосем кратко време во садот. Кога ќе го замесите оставете го во садот и намастете го со малку масло кое сте го ставиле на рацете.
Затворете го садот со стреч-фолија и оставете го тестото да стасува на топло место околу половина до еден час. Кога тестото ќе го удвои волуменот, префрлете го на набрашнета површина и премесете сосем малку.
Поделете го тестото на два еднакви дела и секој дел формирајте го во валјак.
Од секој од валјаците поделете на 5 или 6 дела и обликувајте топчиња кои треба да ги наредите на набрашнета површина и да ги покриете со стреч-фолија. Оставете ги да отстојат уште 15-20 минути, за малку да нараснат.
Потоа, секое од топчињата сплескајте го помеѓу дланките додека да биде тенко и на средина направете три резови со нож кои дополнително ќе ги раширите со прстите. На овој начин подгответе ги и останатите.
Вака подготвените „тостерки“ покријте ги и оставете да отстојат уште 15 минути, а во меѓувреме загрејте го маслото во тавче (се става околу 1 прст).
Пржете ги тостерките на средна температура додека да поруменат од двете страни и повремено одвојувајте ги резовите со дрвено стапче или со виљушка за да не се залепат при пржењето.
Кога ќе поруменат, вадете ги на чинија со салфетка само да се исцедат, па доколку ги правите благи, наросете ги со шеќер во прав, пред послужување. Многу се вкусни и ладни и топли. Деталите погледнете ги ОВДЕ.