Откако го купивме апаратчето за галети многу често испробувам нови рецепти и еве, конечно еден одличен рецепт кој баш, баш ми се допаѓа. А галетите се мекички и вкусни, како што вели син ми – меки како душа.

Ќерка ми ги сака оние потврдите кои се прават со маст, а син ми овие меките. Имам два рецепти за меките вафли-галети, а за тврдите само еден, старински, какви што ги правеше баба ми. Ќе ви ги претставам сите, па вие одберете си кој најмногу ви одговара.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (рецепт 1, кој најчесто го приготвувам): 10 јајца, 2 чаши (од 200 мл) млеко, 2 чаши масло, 1,5 чаша шеќер, 4 кесички ванилин шеќер (јас ставам 8), 4 кесички прашок за печиво, 1-1,2 кг брашно, рендана кора од 1 лимон

галети според рецепт 1

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (рецепт 2, излегуваат околу 70 срца): 5 јајца, 300 г шеќер, 400 мл масло (може и 300, но во оригиналот пишува 400), 200 мл млеко, 600 г брашно, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 1 кесичка прашок за печиво (10 г).

галети според рецепт 2




ПОСТАПКА: Сите потребни состојки ставете ги во еден подлабок сад и изматете со миксер додека да добиете изедначена смеса. Најпрво изматете ги јајцата и шеќерот додека да станат пенасти, со обични маталки, а кога ќе го додавате брашното сменете ги маталките и ставете ги оние наменети за тесто.




Апаратот за галети премачкјате го со малку масло со помош на кујнска (силиконска) четка. Кога ќе се загрее земајте по една преполна лажица тесто, ставете на апаратот, поклопете и печете. Кога ќе добие златножолта боја тргнете ги галетите, па повторно ставете нова лажица тесто, преклопете и печете.




Постапката ја продолжувате додека да се потроши целото тесто. Од оваа количина од вториот рецепт, мене ми излегоа 70 парчиња. А, доколку повеќе ги сакате оние потврдите „тостерки“ што ги правеа нашите баби, прочитајте го рецептот подолу. Многу се вкусни и сигурно ќе ве вратат назад во детството.

тостерки приготвени со маст




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 г маст/путер, 200 г шеќер, 3 јајца, 100 мл млеко, рендана кора од лимон или портокал, 800 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво.

ПОСТАПКА: Добро изматете ја маста (или путерот, но нашите баби овие тостерки ги правеа со маст), па додајте шеќер, јајца, млеко, рендана кора од лимон и прашок за печиво, а на крај постепено додајте го и брашното.




Замесете компактно тесто кое не се лепи за рака. Кинете топчиња од тестото и печете ги во претходно намастен калап за галети/тостерки на умерена температура. Еве како се печат галетите во калап (на шпрет или плин): се загрева едната страна, се става топче тесто на секое „срце“ и веднаш се врти калапот со тестото да се грее и другата страна.




После 7-8 секунди се проверува како е печено, се допекува ако е потребно и се вади од калапот. Целата постапка многу брзо оди. Секако, ова тесто може да се пече и со други калапи, а особено и на обичниот тостер. / Сооlinarika.com

тостерки приготвени според старински рецепт, со маст