Пробајте ја оваа вкусна торта со крем сирење и суви сливи, а тенките корички не содржат брашно. Ова е едноставен и здрав десерт кој можете да го јадете дури и за појадок. Изобилува со диетални влакна, па долго време ќе ве одржува cити, што е идеално доколку се обидувате да ги намалите вишокот килогpами.




Тортата која се приготвува во тиган можеби делува необично и количински мала, но многу е здрава и вкусна. Се пече само една кора, па доколку сакате да ја приготвите за повеќе лица, тогаш соодветно зголемете ги потребните состојките. Ако ја правите за „своја душа“, тогаш количината е идеална.




Ви го претставуваме рецептот за десерт кој се приготвува без брашно и шеќер, а притоа содржи кремаст фил и не се пече во рерна. Додатокот во оваа торта се сувите сливи кои имаат бројни здравствени бенефити, особено кога станува збор за дигестијата и природната перисталтика на цревата.




Потсетува на чискејк, зашто филот се приготвува од свежо крем сирење со сладок вкус, кој секако можете да го замените со некој друг фил по ваш избор, на пример, пасирани банани помешани со мелени ореви и крем добиен од аквафаба, или пак, густ кефир помешан со мелени јаткасти плодови и мешавина од сечкано суво овошје. Изборот е ваш. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 јајце, 100 г излупени и на коцки исечкани јаболка, 30 мл млеко, 40 г овесни снегулки, 1 прстофат цимет во прав (или по желба), 1/2 мала лажичка прашок за печиво, 1 г засладувач кој заменува 10 г шеќер (стевија, засладуваш за дијабетичари или по ваш избор). ЗА ФИЛ: 170 г крем сирење, 2 г засладувач (замена за 20 г шеќер), 20 г суви сливи, 10 г ореви за декорација




ПОСТАПКА: Сувите сливи прелијте ги со врела вода и оставете ги 10-тина минути да отстојат за да омекнат и да се хидрираат, а потоа исцедете ги и ситно исечкјате ги. Наместо вода може да додадете сок од портокал или рум и да ги оставите малку подолго да отстојат за добро да ја впијат течноста.




Јаболката измијте ги, излупете ги, исечете ги на коцки, па ставете ги во блендер заедно со едно јајце, млеко, овесни снегулки, прашок за печиво, цимет и засладувач по ваш избор. Миксајте неколку минути додека да добиете изедначена смеса со конзистенција на тесто за пандишпан.




Тиган со пречник 24 см намастете го на дното и страните, добро загрејте го на умерена температура, па сипете го тестото и рамномерно распоредете го. Поклопете и печете ја кората на тивок оган приближно 8 минути (проверете кога ќе зарумени), па внимателно превртете ја и печете ја уште 4 минути на другата страна.




Кога ќе се олади пресечете ја на 4 делови. За филот доволно е само да го помешате свежото крем сирење со засладувачот па филувајте ја тортата: кора, фил, парчиња суви сливи, кора, фил и сè така додека да го потрошите материјалот. Завршете со фил, оладете ја добро во фрижидер и одозгора наросете ореви. Деталите погледнете ги ОВДЕ.