Ако сте љубител на целувките и нивниот крцкав вкус кој се топи во уста, тогаш оваа торта ќе ги исполни сите ваши желби. Лесна и нежна, без печење, а се приготвува за 20-тина минути, погодна за секакви свечени пригоди. Еве што ви е потребно според рецептот на Светлана:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 200 г чоколадо за готвење, 200 г шеќер во прав, 300 г мелени бисквити (плазма или по ваш избор), 1 коцка маргарин од 250 г или путер (200 г), 2 кесички шлаг крем + млеко и чоколадни трошки за декорација




ПОСТАПКА: Во подлабок сад изтурете ги мелените бисквити, па додајте топло млеко и растопен путер. По желба, кој сака во топлото млеко може да раствори и малку чоколадо за уште побогат вкус на бисквитната основа.




Мешавината најпрво помешајте ја со раце, а потоа замесете ја со рака за се соединат сите состојки. Треба да има конзистенција на влажен песок, но кога ќе ја стиснете со рака да се обликува грутка.




Добиената бисквитна смеса распоредете ја на дното од обложен калап за торти со средна величина. Натапкајте со рака или со дното на некоја чаша, за насекаде да биде со иста дебелина.




Јајцата треба да бидат отстојани на собна температура. Во посебни садови одвојте ги белките од жолчките. Во оригиналниот рецепт посебно се матат белките во цврст снег, а посебно жолчките со шеќерот, па се соединуваат. Но, доколку избегнувате сирови јајца во крем, тогаш термички обработете ги на следниот начин:




Белките ставете ги во некој помал длабок сад кој може да се постави врз поголем и поширок. Во поголемиот сад ставете вода и оставете да зоврие. Штом зоврие и се создаде водена пареа, намалете ја малку температурата, зашто може одеднаш да ги свари белките и да создаде грутчиња.




Белките изматете ги пенасто, па кога ќе добиете цврст шам ставете ги врз пареата и матете во следните 5-7 минути. Матењето треба да биде само во еден правец, а температурата умерена и не смее во белките да навлегува водената пареа. На сличен начин изматете ги и жолчките:




Жолчките изматете ги пенасто заедно со шеќерот. матете додека смесата да се згусне и побели, а шеќерот да се растопи. Потоа садот ставете го врз пареа и гответе со непрекинато мешање 5-7 минути. Пред крај додајте го чоколадото искршено на коцки и мешајте додека да се растопи и соедини.




Потоа сè соединете во едно (белките, жолчките и чоколадото), а кога ќе излади додајте путер исечкан на листови и омекнат на собна температура, па уште еднаш изматете за да се соедини во едноличен крем.




Врз бисквитната смеса наредете целувки. Тоа може да биде во еден слој или во два слоја. Преку секој слој излејте од приготвениот фил. Израмнете и одозгора нанесете изматен шлаг крем според упатството на кесичката. Декорирајте по ваш вкус. Послужете ја добро изладена.

СОВЕТ: За побрза постапка и да одбегнете термичка обработка, изматете ги белките вообичаено во снег, а посебно жолчките со шеќерот, па соединете ги со растопено чоколадо (на пареа). На крај соединете го кремот со изматен путер. Откако ќе ја филувате тортата, оставете ја еден час во замрзнувач.