Една од омилените торти која секогаш цела се изедува на родендените. Убаво се сече, а притоа е сочна и кремаста, а комбинацијата од ореви и чоколадо, се чини дека на сите им е фаворитна. Се состои од неколку различни слоеви, а секое парче се топи во уста. Одлична е и за обложување со фондан. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за една кора (а, потребни се три кори): 5 белки, 8-10 лажици шеќер во прав, 2 лажици брашно, 5 лажици мелени ореви.

ЗА ФИЛ: 15 жолчки, 1 литар млеко, 5-10 лажици шеќер, 9 лажици брашно, 250 г путер или маргарин за колачи, 200-250 г шеќер во прав, 200 г чоколадо, 200 г мелени ореви, 180 г шлаг крем од ванила, 1 шолја ладно млеко или газирана вода.




За украсување: може да се украси со изматен шлаг крем од чоколадо или изматена слатка павлака, па во неа да додадете растопено чоколадо или слатко какао во прав. Ако ја правите тортата за специјални пригоди, може да ја обложите со фондан и фигури (готови или купечки).




Ако ја приготвувате за секој ден или не ги сакате фонданите, можете да ја прелиете со чоколадна глазура или да ја наросите со рендано чоколадо, мелени и сечкани ореви… Корите се печат во калап или плех со димензии 30х20 см или со приближни димензии.




ПОСТАПКА: Откако ќе го обложите плехот со хартија за печење, веднаш вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени, бидејќи брзо се приготвува тестото за корите. Одвојте ги белките од жолчките во посебни садови. Белките пенасто изматете ги со постепено додавање го шеќерот.




Откако ќе добиете цврст и сјаен снег од белки, додајте го просеаното брашно и мелените ореви, па внимателно со лажица промешајте за да се изедначат состојките, но сепак смесата да остане пенлива и воздушеста. Рамномерно распоредете ја во калапот и израмнете одозгора.




Ставете да се пече во претходно загреаната рерна на 200 степени околу 7 минути или сами проценете колку е потребно. Истата постапка повторете ја уште двапати, односно испечете вкупно три вакви исти кори (при филување на тортата, секоја кора можете малку да ја натопувате со млеко за да биде посочна).




Подготвување на фил: Од млекото издвојте 200 мл на страна, а 800 мл млеко ставете во тенџере да се вари. Жолчките кремасто изматете ги со 5 лажици шеќер или додајте повеќе по ваш вкус.

Потоа додајте 9 лажици брашно и оние 200 мл млеко што ги тргнавте на страна. Добро промешајте за да се изедначи смесата, да нема грутчиња. Кога ќе зоврие млекото во тенџерето, намалете го огнот и додајте ја смесата со разматените жолчки.

Мешајте непрекинато и варете го кремот додека убаво да згусне како пудинг. Тргнете го настрана и веднаш поделете го на два еднакви делови. Во едниот дел додајте го чоколадото искршено на коцки и промешајте додека за да растопи. Ова е кафеавиот фил.

Во другиот дел од кремот додајте ги мелените ореви, па промешајте убаво за да се впијат и изедначат во топлата смеса. Оставете ги настрана двата фила да се ладат со повремено промешување, или пак, покријте ги со проѕирна фолија за да не фатат коричка.

Кога ќе се оладат, повторно изматете ги, па во секое додајте половина путер, претходно омекнат и пенасто изматен. Соединете ги со миксер додека да се изедначат.

Уште ви преостанува да изматите шлаг крем од ванила со млеко и да го започнете филувањето. Ова можете да го направите на специјална чинија за торти или пак во тепсија обложена со фолија, за да можете подоцна да ја извадите на украсен картон за торти.

РЕДЕЊЕ: кора, црн фил, жолт фил, кора, па цел фил од ореви, кора, црн фил, жолт фил… Оставете ја тортата добро да се стегне во фрижидер, а пред украсување би било добро да ја ставите тортата еден час во замрзнувач.

СОВЕТ: Јас сите кори ги прскав со малку млеко за да бидат уште посочни. Пред секое ново матење за кора, измијте го садот за матење и маталките од миксерот, па добро исушете ги.