ЛЕДЕНО НЕБО – ТОРТА со неодолив вкус, а секој залак се растопува во уста. Многу брзо и лесно се приготвува. Пробајте ја, ќе видите дека е вистински рај за непцето. Запишете си го рецептот на Јелена Шарац, и направете ја оваа кремаста, ледена убавица.




„Здраво на сите. Ќе ја направиме оваа преубава летна торта без печење и без готвење. Постапката за приготвување е многу едноставна, а вкусот никого нема да го остави рамнодушен. Претставува вистинско освежување во текот на летните денови. Може да се користи овошје по избор, и не може да се спореди со ниеден сладолед“, вели Јелена Шарац.




Потребни состојки за кора: 300 г мелена плазма кекси, 100 г путер, 1 лажица Нутела. За фил: 200 мл слатка павлака, 200 г крем сирење, 100 г шеќер, 1 кесичка желатин (10 г), 830 г праски од конзерва (може и друго овошје). За прелив: сок од конзервата, 200 мл вода, 1 лажица скроб/густин, 1 кесичка желатин (10 г)




Постапка: во еден подлабок сад ставете 300 г мелена плазма. Додајте 100 г растопен (течен) путер и една голема супена лажица нутела. Добро промешајте додека да добиете фина смеса, со конзистенција на влажен песок.




Од оваа смеса ќе се формира кората/основата на тортата. Земете еден калап за торти со  димензија на пречникот од 22 см, па убаво обложете го со хартија за печење, на дното и на страните (за подоцна полесно да ја извадите тортата).




Смесата од мелена плазма и путер рамномерно распоредете ја во капалот и израмнете ја со помош на лажицата (нежно притиснете). За фил: во подлабок сад со миксер изматете 200 г слатка павлака додека да добиете шлаг (за повисока торта или со поголеми димензии на обрачот, користете 400 мл слатка павлака и исто толку крем сирење).




Потоа додајте 200 г крем сирење, 100 г кристален шеќер, ситно изрендајте кора од еден  портокал, претходно убаво измиен со сода бикарбона. На крај додајте еден желатин кој претходно сте го приготвиле (помешан со неколку лажици ладна вода и оставен додека да набубри) според упатството на кесичката и сте го растопиле на пареа.




Повторно сите состојки измиксајте ги кратко со миксерот додека да се изедначи смесата. Потоа рамномерно распоредете ја врз приготвената смеса внимавајќи да не ви остануваат празнини, па израмнете ја површината. Оставете ја во фрижидер половина час за да се олади и стегне.




За прелив: праските од конзерва исечкајте ги на коцкички. Сокот што ќе остане од конзервата ставете го во едно помало тенџере/ѓезве и додајте 200 мл вода, 20 г скроб/густин и еден растопен желатин (претходно приготвен според упатството).




Промешајте и ставете на рингла да се зготви на умерена температура додека да згусне. Врз тортата наредете ги рамномерно исечканите праски. Наместо праски можете да користите смрзнати јагоди или малини.




Одозгора прелијте го приготвениот прелив, оставете малку да излади на собна температура, а потоа тортата ставете ја во фрижидер добро да излади, најдобро преку цела ноќ или најмалку 2 часа во замрзнувач. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.