Соединете ги сите состојки, излејте во калап, декорирајте и тортата е спремна. Само уште треба да почекате да се излади во фрижидер. Истата комбинација од состојки можете да ја послужувате во чаша, но и во било која облик на калап.
Во овој рецепт се употребени 4 вида овошје, кој кога ќе прочитате, мора да признаете дека е исклучиво интересна и освежителна комбинација. Нешто кое можби најмногу ќе ви одземе време, е чистењето и сечкањето на овошјето…Ако од некои причини не сакате да користите овошје, можете да ги замените со шарени желе бонбони…
Потребни состојки: 1 1/2 (една ипол) шолја густ јогурт (како кисела павлака), 1 шолја кондензирано млеко, 1 лажичка екстракт од ванила, 300-400 г плазма кекси или кекси по ваш избор и вкус, 400 г сечкано овошје (грозје, мандарини, калинка, јаболка или по ваш избор)
Овошјето кое ќе го одберете добро измијте го (ако сте го купиле, она кое не се лупи најдобро е да го оставите некое време да отстои во раствор со сода бикарбона). Потоа ситно исечкајте го и отстранете ги евентуалните семки.
Исечканото овошје соединете го во еден подлабок сад. Додајте го густиот (грчки) јогурт и кондензираното млеко, а на крај и една лажичка екстракт од ванила. Добро промешајте со лажица или шпатула за да с еизедначат состојките.
Калап или плех со средни димензии, обложете го со проѕирна фолија или хартија за печење, па на дното наредете два реда кекси (бисквити по ваш избор). Наредете ги еден врз друг. Нема потреба да ги натопувате, затоа што ќе ја впијат влагата од јогуртот и ќе омекнат.
Преку кексите рамномерно распоредете половина од филот и израмнете. Повторно наредете бисквити во два реда и одозгора распоредете го остатокот од филот и убаво израмнете.
Тргнете на страна 10-тина кекси, ставете ги во зип-кесичка, па одозгора поминете со оклагија или нешто тешко за да се изронат колку може поситно. Истото можете да го направите и рачно, но ова е полесниот начин.
Тортата одозгора декорирајте ја со трошките од кекси, па оставете ја во фрижидер да се лади 10-12 часа или преку цела ноќ. Деталите од целата постапка можете да погледнете во видеото ОВДЕ, а исто така и фотографиите: