Брзи, посни топчиња со палента, 5 видови од една смеса. Ако подготвувате посна слава или постите, верувам дека сте во дилема што да подготвите? Ова е мојот предлог за декоративно, вкусно, брзо мезе.

Не мора да бидат посни ако ги подготвите со путер и млечен кашкавал…Еве што ви е потребно:

Состојки за 30 поголеми топчиња:
200 г палента
720 мл вода
1 полна лажичка сол
25 г посен маргарин или масло, а ако не мора да бидат посни, тогаш употребете путер.

За полнење:
маслинки, кисели краставички, наут (леблебија), ф’стаци, посно сирење/кашкавал или уште подобро, чадено тофу сирење

За валање:
печен сусам, мелени ф’стаци, зачинска пиперка во прав, чиа семе, мелен наут или сончоглед, лен, мелен лен….

Комбинации:
1. комбинација: маслинки и печен сусам
2. комбинација: ф’стаци и мелени ф’стаци
3. комбинација: наут и мелен наут
4. комбинација: посно сирење/кашкавал-тврдо сирење и зачинска пиперка
5. комбинација: кисели краставички и чиа семе

ПОСТАПКА:

На 500 г палента се додава 1.8 литар вода, лажичка сол и 40 г путер или маргарин. За 30 поголеми топчиња доволни се 200 г палента, 720 мл вода и лажичка сол. А за да се обликуваат топчињата ќе биде потребно и 25 г посен маргарин или путер.

Ставете ја водата со солта да зоврие, па додајте маргарин. Кога ќе се растопи исклучете ја ринглата и започнете со постепено додавање на палентата додека непрекинато мешате.

Тенџерето и натаму нека остане на топлата рингла. Кога ќе ги разбиете сите грутчиња од палентата, повторно вклучете ја ринглата, но овојпат на најниска температура и гответе 3-5 минути додека да згусне.

Оставете 10-тина минути настрана да се олади. Потоа поделете ја на 5 дела.

1.Земете една неполна лажица палента и обликувајте топче. Во средината ставете маслинка. Ако сакате помали топчиња, тогаш ставете половина маслинка. Валајте во печен сусам. Направете 6 вакви топчиња.

2.За вториот вид, во средината на секое топче ставете ф’стак и валајте ги во мелени ф’стаци. Направете 6 вакви топчиња.

3.За третата комбинација во средината ставете леблебија и валајте ги во мелени леблебии, а може и крупно мелени. Имаат слаткаст вкус и сите ги обожаваат. Направете 6 топчиња.

4.Следната комбинација е најдобро да се прави додека палентата е сè уште топла. Ставете во средината мало коцкиче посен кашкавал или тофу, а топчето валајте го во црвена зачинска пиперка во прав.

5.За петтата комбинација користиме сечкани кисели краствички. Оваа комбинација најмногу одговара ако ги валате топчињата во ленено семе, мелено ленено семе или чиа семе.

Со чиа семе доаѓа уште повеќе до израз кога ќе се наредат топчињата едно до друго. На овој начин ќе гобиете 30 топчиња, 5 различни видови. Чинијата декорирајте ја со свежи листови од магдонос и копар. Видеопрезентацијата погледнете ја ОВДЕ.