Разновидните солени топчиња се омиленото славско предјадење. Најчесто се прават во големина од орев или пинг понг топче, што е доволно за залак-два, а различните вкусови овозможуваат вистинско уживање во славската трпеза.
Ако досега не сте ги испробале топчињата од спанаќ, тогаш топло ви ги препорачувам, зашто многу лесно и брзо се подготвуваат и не треба да вложите некој посебен труд. Совршено одговараат кога ќе ги наредите покрај другото предјадење, како што се ролатите, питите и салатите. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г спанаќ (3 чаши), 1 чаша ситно сечкан кромид, 4 изматени јајца, 3/4 чаша растопен путер, 1/2 чаша рендан пармезан (или друг кашкавал), лебни трошки (презла) или потпечен леб по потреба (приближно 5 чаши), сол и лук во прав по вкус
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 големи компири, 1 пакување смрзнат спанаќ, 1 чаша (од 250 мл) лебни трошки/презла, 1 чаша рендан пармезан/кашкавал, 2 млади кромитчиња, 3 чешниња лук, 2 големи јајца, сол и црн пипер по вкус
ПОСТАПКА за рецепт 1: Доколку користите потпечен леб-двопек, сомелете го или изронете го на помали парчиња. Спанаќот кратко сварете го и оставете го да се исцеди добро, малку истискајте го со рака ако е потребно, па додајте го во лебните трошки/презла.
Потоа додајте го ситно сечканиот кромид (или рендан/мелен без сокот што го испушта), ренданиот пармезан или некој друг тврд кашкавал, посолете и зачинете со лук во прав по желба, па додајте го растопениот путер и јајцата изматени со виљушка.
Сите состојки добро измешајте ги додека да се соединат во комапктна, изедначена смеса. Подгответе рамна подлога/плех обложена со алуминумска или стреч фолија и малку намастена со масло за готвење.
Со раце црпете од смесата и обликувајте топчиња со големина по ваша желба и оставете ги во фрижидер половина час да се оладат и стегнат. Потоа ставете ги да се печат во загреана рерна на 180 степени околу 10-20 минути. Послужете ги со балсамико сос. Деталите погледнете ги ОВДЕ. Постапката за вториот рецепт:
ПОСТАПКА за рецепт 2: Сварете го компирот, па додека сè уште е топол додајте му две супени лажици путер, па промешајте додека тој да се растопи и впие. Потоа додајте го спанаќот, ситно ренданиот лук, ситно сечканиот кромид (зелениот дел), лажица магдонос, пармезан, јајца, лебни трошки, сол и црн пипер.
Во посебен сад измешајте по две лажици лебни трошки и рендан пармезан. Обликувајте топчиња, валајте ги во приготвената мешавина (може и без презла), па ставете да се печат во претходно загреана рерна на 170-180 степени околу 25 минути. Последните 5 минути може да го вклучите горниот грејач за да заруменат убаво и одозгора. Рецепт на Мими-Атланта.