Оваа година за вашата слава испробајте го овој рецепт, за нов вид на ситни колачи. Се приготвуваат со пиво, а се полнат и се валаат во мелени или сечкани ореви. Идеите за ситни колачи секогаш се добредојдени, а особено доколку наближува вашата слава.
За да не ви е еднолична трпезата секоја година со едноисти колачи, прочитајте го рецептот во продолжение, па ако ви се допаѓа, не двоумете се и пригответе го. Збогатете го слаткиот овал со нов вид колачиња кои според интегралниот рецепт се посни и на сите им се допаѓаат. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 800 г брашно, 250 мл масло, 250 мл пиво, 2 ванилин шеќер, 2 прашок за печиво, 3 лажици шеќер, ореви за внатре во колачите, мелени лешни за валкање на пиварките. За шербет: 400 г шеќер и 400 мл вода
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 550 г брашно, 1 прашок за печиво, 1 лажица шеќер, на врв од лажичката сол, 200 мл масло, 200 мл пиво и малку ореви. ЗА СИРУП: 1,5 чаша шеќер (300 г), 1,5 чаша вода (300 мл), 1 ванилин шеќер, малку лимон и 100 г мелени ореви за наросување
ПОСТАПКА за рецепт 1: во поголем сад ставете масло, пиво, ванила, шеќер, прашок за печиво и брашно. Целата смеса убаво се замесува со раце, а доколку е меко, додајте уште малку брашно. Готово е тестото кога ќе стане компактно и кога ќе започне да се одвојува од ѕидот на садот.
Веднаш кинете мали парчиња од тестото и формирајте топчиња со величина на поголем орев. Топчето сплескајте го со дланките, ставете една јатка орев, па затворете ги и формирајте ги колачите. Вака формираните колачи редете ги во плех и ставете ги да се печат во загреана рерна на 210 степени, околу 10-15 минути, додека да заруменат. Потоа оставете ги да изладат.
За шербет: Во едно тенџере ставете 400 мл шеќер и 400 мл вода, па ставете на оган и откако ќе зоврие варете 3-4 минути. Со помош на кутлача, врелиот шербет полевајте го рамномерно врз ладните пиварки. Превртете ги и од другата страна за да можат убаво да го впијат сирупот. Кога пиварките ќе го впијат шербетот, валкајте ги во мелени лешници.
Постапка за рецепт 2: Во еден подлабок сад ставете брашно, прашок за печиво, шеќер и прстофат сол. Промешајте да се изедначат состојките. Во мешавината додајте масло и пиво. Мешајте со лажица додека да добиете убаво тесто, а потоа продолжете да месите со рака.
Тестото не треба да биде ниту премногу меко, ниту премногу тврдо. Од тестото откинувајте парчиња со величина на орев, формијте топче, во средина ставете оревче и повторно формирајте топче или колаче во вид на ружичка. Вака формираните колачи редете го во плех обложен со хартија и печете ги во загреана рерна на 200 степени, приближно околу 20 минути.
Додека се печат колачите, пригответе го сирупот: на оган ставете шеќер, вода и еден ванилин шеќер. Кога ќе зоврие сирупот оставете го да се вари уште 5-6 минути. Исклучете ја ринглата и додајте неколку тркалца исечен лимон. И колачот и сирупот треба да бидат врели. Извадете го колачот од рерна и оставете го 3-4 минути да подизлади.
Потоа секое колаче ставајте го во сирупот 20-тина секунди од едната и уште 20-тина секунди од другата страна. Натопените колачи веднаш валајте ги во мелени/сечкани ореви или во кокосово брашно, по желба. Овие колачи можете веднаш да ги послужите, но со стоење стануваат уште поровки.