Направете го овој вкусен ручек кој не одзема повеќе од 20 минути подготовка. Флексибилно јадење кое често го правам во деновите од работната недела, кога немам многу време. Децата го обожаваат, плус е диетално и не ми е тешко на стомакот.
Ова јадење е вегетаријанско, без месо, но кој сака може да додаде мелено месо. Во тој случај ќе добиете јадење слично на мусака со зеленчук, го имаме испробано и на тој начин, многу е вкусно. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг компири (избирајте здрави плодови), 2 јајца, 1 главица кромид, 1 пиперка, 80 г кашкавал, зачини: сол, црн пипер, оригано, црвена зачинска мелена пиперка и малку масло за пропржување (маслиново).
ПОСТАПКА: Одберете здрави компири, најдобро млади компирчиња кои може да се јадат сосе лушпата која исто така е многу хранлива. Добро измијте ги под млаз ладна вода и излупете ги. Aко компирите имаат зелени делови на нив, потрудете се тој дел да го исечете бидејќи може да го расипе вкусот.
Потоа изрендајте ги на ренде и целата смеса префрлете ја во подлабок сад со ладна вода. На овој начин се превенира компирите да не потемнат подоцна. Една главица кромид (јас одбрав црвен кромид) се сече на ситни коцки, а исто се постапува и со 1 црвена пиперка, која треба да се исчисти од петелката и од семките.
Во малку загреано масло во тава ставете да се пропржи најпрво кромидот. Кога тој ќе омекне и застакли, додајте ја црвената пиперка (може да биде ситно исечкана на коцки или на тенки ленти). Пропржете го зеленчукот и зачинете по вкус.
Настрана изрендајте 80 г кашкавал по ваш избор (моцарела или некој друг вид). Огноотпорниот сад со средна величина во кој ќе го печете јадењето намастете го на дното и страните.
Компирите процедете ги од водата и добро истискајте ги со раце, па во нив додајте 2 јајца и зачинете по ваш вкус. Во садот распоредете ја смесата од компири и добро натапкајте одозгора за да се израмни и да се пополнат евентуалните празнини.
Потоа наредете го издинстаниот зеленчук и израмнете ја површината, па со нож површински засечете коцки колку да се обележат парчињата и одозгора наросете го кашкавалот. Печете во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 50 минути.
Како што претходно споменав, ова јадење може да се приготви и со издинстано мелено месо, но во секој случај ако го правите само со зеленчук, тогаш е подиетално, а сепак е многу вкусно. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.