Вакво нешто сигурно не сте пробале досега, ова е нов мајсторлук излезен од кујната на Валентина Машкович. Сите што ги пробаа погачиците се воодушевија од нивниот вкус, свежината и мекоста на печивата.

„Направете топчиња од тесто и оставете ги да стасуваат во јогурт и масло, па ќе се случи чудо“, вели Валентина и секому го препорачува овој рецепт, бидејќи е многу лесен и едноставен. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 125 г омекнат путер или маргарин, 1 коцка свеж квасец (40 г), 1 јајце, 1 мала лажичка шеќер, 300 мл јогурт и 100 мл вода (сите состојки да бидат на собна температура), 3 лажици брашно, околу 900 г брашно, 2 лажички сол. ЗА ПРЕЛИВ: 100 мл маслиново масло или растопен путер, 200-250 мл јогурт. И уште: сусам или ленено семе за наросување.




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете го омекнатиот путер на собна температура и малку разматете го со виљушка или шпатула. Со прсти изронете го свежиот квасец и додајте едно јајце кое претходно отстојало на собна температура. Добро промешајте, па додајте 1 лажичка шеќер, јогуртот и водата.




За полесно и поубаво да се измешаат состојките додајте и околу три супени лажици брашно, па добро изматете ја смесата додека да добиете хомогена смеса без грутчиња. Матете со жица-маталка или со миксер за тесто, како ви е полесно. Во оваа смеса додајте половина од вкупното брашно и 2 лажички сол.




Најпрво мешајте со лажица или шпатула додека брашното да ги впие течностите, а потоа започнете да го додавате остатокот од брашното и замесете со рака. Треба да добиете средно меко тесто кое не се лепи на рака. За да добие на еластичност, доработете го тестото на работна површина.




Формирајте векна и поделете го на 12 приближно еднакви делови кои ќе ги обликувате во топчиња. Во еден подлабок сад ставете маслиново масло или растопен путер колку да се покрие дното и да можат да се намастуваат топчињата. Секое топче тесто намастете го од сите страни и оставете го во садот.




Потоа одозгора полијте ги со јогурт кој претходно отстојал на собна температура. Прелијте ги сите погачици рамномерно, покријте ги со стреч-проѕирна фолија и оставете ги да стасуваат половина час. За тоа време пригответе го плехот, малку намастете го и обложете го со хартија за печење.




После половина час топчињата тесто ќе бидат стасани и ќе го впијат речиси сиот јогурт, па со помош на лажица и шпатула внимателно префрлете ги во плехот. Изматете едно јајце заедно со 2-3 лажици од јогуртот кој остана, па премачкајте ги одозгора.




Наросете ги со сусам, па вклучете да се загрева рерната на 200 степени. Додека се загрева рерната погачиците уште малку ќе стасаат, па ставете ги да се печат околу 20 минути. Деталите од целата постапка погледнете ги ОВДЕ.